Дипломатско-конзуларното претставништво во Прага е во постојана комуникација со семејството на починатиот македонски државјанин Д.Ч. кој им подлегнал на повредите здобиени во тешка сообраќајна несреќа со мотор која се случила на 2 август, информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Станува збор за бизнисменот Душко Чифлиганец, син на познатиот бизнисмен Ванчо Чифлиганец и заменик претседател на „Адора бизнис групација“.
„Информацијата за сообраќајката, во која Д.Ч. се здобил со тешки повреди и бил пренесен во болница, е доставена до Амбасадата на 2 август. Веднаш по добивањето на веста, Амбасадата стапила во контакт со семејството на повредениот. На 3 август, од страна на семејството, Амбасадата е информирана дека Д.Ч. им подлегнал на повредите“, се вели во соопштението од Министерството.
Оттаму додаваат дека се во постојана комуникација со семејството на починатиот со цел да се завршат сите потребни формални постапки и да се организира пренесувањето на телото во земјава.