Амбасадорката Агелер со отворено писмо до граѓаните: САД секогаш ќе стојат покрај Северна Македонија

Американската амбасадорка во земјава Анџела П. Агелер упати отворено писмо до граѓаните на Северна Македонија, во кое се осврнува на изминатите три години од нејзиниот мандат и на, како што наведува, продлабоченото партнерство и пријателство меѓу двете држави.

од desk4
44 прегледи Фото: U.S. Embassy North Macedonia

Во пораката објавена од Амбасада на САД во Северна Македонија, Агелер потсетува дека во Скопје пристигнала како десетта амбасадорка на САД и дека од самиот почеток имала силна верба во „силата и храброста на народот на Северна Македонија“, верба која, како што вели, со текот на времето била повеќепати потврдена.

Таа нагласува дека за време на нејзиниот мандат биле направени конкретни чекори во повеќе области, од економски раст, енергетска независност и судски реформи, до образование, култура и евроатлантска интеграција. Посебно го истакнува напредокот во рамки на НАТО, модернизацијата на безбедносните капацитети и работата на стратешки инфраструктурни проекти што, според неа, ја зајакнуваат регионалната безбедност и трговијата.

Во писмото се споменува и борбата против корупцијата и организираниот криминал, поддршката на судските реформи и санкционирањето на поединци кои, како што наведува, со години дејствувале неказнето. Агелер потенцира дека САД работеле и на создавање нови можности во заедниците, развој на енергетски и инфраструктурни проекти, како и соработка во технологијата, здравството, образованието и заштитата на културното наследство.

„Во изминатите три години, нашето партнерство прерасна во вистинско пријателство“, пишува Агелер, додавајќи дека ќе ги памети средбите со граѓаните низ целата земја, отворените разговори, но и споделените надежи, визии и предизвици.

На крајот од пораката, амбасадорката порачува дека Соединети Американски Држави „секогаш ќе стојат покрај Северна Македонија“ во остварувањето на визијата за посилна, побезбедна и целосно интегрирана евроатлантска држава. „Ова е вашата земја и секој од вас заслужува таа да биде онаква каква што ја сонувате“, порачува Агелер, завршувајќи со порака за надеж, храброст и сила.