Амбулантите и болниците полни, докторите смируваат: „Нема причина за загриженост од Ковид, пикот на сезоната на грип се очекува во февруари-март“

од Nikola Popovski
996 прегледи

Ординациите и дневните амбуланти се полни со заболени од вируси и настинки. Во брзата помош периодов најголем број повици се од родители со дечиња со респираторен вирус, но и хронично болни, повозрасни лица. Се жалат на влошено здравје, поради хроничните заболувања, а особено респираторни проблеми. Грипот почна да зема замав, велат лекарите, но се поставува прашањето дали Ковид-19 и неговите варијанти се уште се околу нас и се повеќе циркулираат во нашите заедници.

Дали грипот го презема приматот место коронавирусот? 

Од Комисијата за заразни болести информираат дека редовно ја следат состојбата со сите заразни заболувања во нашата држава, особено сега во периодот во кој имаме зголемена инциденца на респиратирните заболувања. Според д-р Злате Мехмедовиќ, споредено со минатите години не се забележува отстапување од стандардната крива на заболените со грип или на оние кои имаат болест која е протратена со симптоми на грип. Портпаролот на Комисијата за заразни болести во разговор за „Локално“, вели дека пикот на сезоната на грип се очекува во периодот февруари-март.

д-р Злате Мехмедовиќ

-Што се однесува до бројот на заболени со Ковид-19, во последниот извештај од Институтот за Јавно здравје е нотирано дека има намалување на бројот на позитивните случаи споредено со претходниот месец, но исто така и намалување на случаите споредено со истиот период минатата година. Овие аргументи ни даваат за право и понатаму мирно да ја следиме состојбата и би додал дека во моментов нема причина за загриженост или дополнителни превентивни мерки, истакнува докторот.

Мехмедовиќ истакнува дека се уште е рано да кажеме дека грипот го презема приматот како најчесто заразно заболување во овој момент во Македонија, бидејќи според него, поголем број на регистрирани случаи од грип се очекуваат во текот на втората половина на месец февруари и почетокот на март 2024 година.

-Колкав ќе биде бројот на заболени за оваа сезона не можеме со сигурност да кажеме, но мора да истакнеме дека оваа година беа аплицирани приближно 70.000 бесплатни вакцини против грип, што е рекорден број на вакцинации против грип во Македонија. Тоа секако значително ќе придонесе за заштита на здравјето и животот на вуленрабилните групи како што се граѓаните на возраст над 65 години кои имаат и пропратни коморбидитети, бремените жени, децата на возраст до 5 години и здравствените работници, информира докторот.

Дециден е дека сегашните бројки не одат во прилог на тоа дека ќе имаме долга зима пропратена со вируси, но без разлика на очекувањата, соговорникот смирува дека целокупниот здравствен систем е подготвен да ги прифати и да им пружи здравствена заштита на сите оние кои имаат потреба од тоа.

-Комисијата за заразни болести апелира да се вакцинираат сите оние кои припаѓаат на ризичните групи(против ковид и грип), но воедно апелираме и родителите да ги вакцинираат децата согласно Календарот за имунизација, да не дозволиме да се развиваат болести и компликации кај децата кои можат да се превенираат со вакцинација, советува Мехмедовиќ.

д-р Никола Пановски

Со сличен став е и микробиологот и поранешен директор на Фондот за здравство, д-р Никола Пановски. Во кратка анализа за „Локално“ вели дека дека короновирусот не бил најчест дури и за времето на пандемијата, но бил најопасен.

-И тогаш, кога се тестираа по 1000 болни лица дневно, 200 до 300 беа позитивни на Ковид-19, што значи дека два до три пати биле почести другите вирусни инфекции. Сегашната состојба со вирусните инфекции е карактеристична за овој период од годината. Истата е влошена во градовите заради аерозагадувањето кое долго трае и директно влијае на клиничката слика на вирозите, особено на почестата долготрајна кашлица, наведува Пановски.

Според него, позитивен момент е што училиштата не работат и учениците се на распуст.

-Грипот постои, но се уште не ескалирал, се надевам дека тоа нема да се случи. Сегашните бројки на болни од грип, па и на Ковид-19 се релативно ниски, доминираат вирусите кои предизвикуваат настинки. Нема простор за посебна загриженост во врска со короновирусот, потенцира микробиологот.

Во меѓувреме во соседството се влошува епидемиолошката состојба. Албанскиот институт за јавно здравје соопшти дека се пријавуваат над 11.000 случаи на респираторни инфекции неделно, а расте и бројката на заразени со Ковид. Слична ситуација има и во Грција, каде учениците денеска се враќаат во училишните клупи, но со препораки од Националната организација за јавно здравје за редовно миење раце, редовно проветрување и оддржување растојание.

Ковид-19 и неговите варијанти се уште се околу нас и се повеќе циркулираат во нашите заедници, при што во моментов е детектирано „коегзистирање на три типа вируси истовремено“, изјави еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес, нагласувајќи ја потребата од помасовна вакцинација против короната и сезонскиот грип.

Киријакидес истакна дека најновите здравствени податоци укажуваат дека во некои земји членки на ЕУ се бележи значителен пораст на лица инфицирани со корона вирусот, додавајќи дека дополнителен предизвик претставува и циркулацијата на други респираторни заболувања.

Според неа, вакцинацијата останува клучна заштита од корона вирусот, особено за ризичните категории граѓани.

Во период од 25 декември до 31 декември 2023 година во Македонија евидентирани се 403 случаи на грип. Бројот на пријавени лица таа недела споредбено со минатата сезона е зголемен за 16,01%. Од нив еден пациент на возраст од  67 години кој не бил вакциниран против сезонски грип го загубил својот живот.

Н.П.

Слични содржини