Од вкупно 1028 регистрирани со централна постапка во Европска агенција за лекови (ЕМА), во нашата држава се регистрирани само 278 или 27 проценти од лековите, нагласи претседателката на Комитетот за здравство при Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧaм) Александра Ивановска, на денешниот брифинг по повод претстојната Конференција за здравство која ја организира АмЧам Северна Македонија.
Ивановска и извршната директорка на АмЧам, Јелена Арсовска, презентираа заклучоци од истражување за пристапот до лекови на македонските граѓани и споделија повеќе информации за тековните и идните активности на Комитетот за здравство при АмЧам.
Како што истакнаа, тема на годинашната конференција, која ќе се одржи на 8 ноември во Скопје е „Поглед во иднината на здравствените системи“, со фокус на пристапот до лекови како основен елемент од правото на лекување.
Во врска со темата, изработена е студија со поддршка од Американската стопанска комора со осврт на моменталната состојба со лековите и она што може државата да го направи во овој поглед.