Америка на работ од финансиски колапс – Експерти предупредуваат на крајот на доларот!

од Марта Пешевска
35 прегледи

Во последниот период, финансиските пазари се сведоци на алармантна појава: додека приносите на американските државни обврзници растат, вредноста на доларот паѓа – и тоа на најниско ниво во последните три години во однос на валутите на главните трговски партнери. Овој феномен ги загрижува инвеститорите и аналитичарите ширум светот, особено затоа што ваквата дивергенција ретко се случува, а уште поретко без сериозни последици.

Причините за овој финансиски немир, според експертите, лежат во политиките на актуелната администрација на САД, предводена од движењето MAGA и претседателот Доналд Трамп. Политиките познати како „Трампономија“, наместо да нудат одржливи економски решенија, често се базираат на непроверени идеи и популистички пристапи што потсетуваат на ситуациите во земјите во развој од средината на 20. век.

Фискална неодговорност и валутен хаос

Инвеститорите забележуваат дека САД се движат кон фискална и валутна криза со потенцијално историски размери. Наместо стабилност, Белата куќа испраќа сигнали дека ќе продолжи со политиките што веќе предизвикаа длабоки пукнатини на пазарите. Даночните реформи на Трамп, во комбинација со трговските војни и зголемениот буџетски дефицит, сериозно ја нарушија довербата во американскиот финансиски систем.

Реномирани финансиски институции, како Goldman Sachs, веќе советуваат инвеститорите да избегнуваат вложувања во доларот и американски обврзници, а како посигурни алтернативи ги наведуваат еврото, јапонскиот јен, швајцарскиот франк и златото. Овие сигнали од Волстрит, кои обично се внимателно формулирани, сега отворено укажуваат на глобална финансиска опасност.

„Капетанот Трамп“ се движи кон фискална бездна

Некогаш влијателни републиканци, како поранешниот директор за буџет Дејвид Стокман, јавно го искажуваат своето разочарување од насоката во која се движи партијата и државата. Според него, САД се движат кон економска карпа – со јавен долг што ќе достигне 50 трилиони долари до средината на 2030-тите, додека бројот на пензионери расте драстично.

Стокман предупредува дека некогашната улога на Републиканската партија како чувар на јавните финансии е целосно изгубена. Наместо да намалуваат дефицити, актуелните лидери разговараат како да додадат уште 22 трилиони долари на веќе постоечките долгови.

Институционалниот кредибилитет на САД е во прашање

Мајкл де Пас од Citadel Securities, глобален лидер во тргување со каматни стапки, изјави за Financial Times дека силата на американскиот долар е тесно поврзана со институционалниот кредибилитет на САД: владеење на правото, независност на Федералните резерви и предвидлива политика. „Последниве месеци, сите овие столбови се доведени во прашање“, предупредува тој.

Инвеститорите повеќе не знаат каде е „безбедното пристаниште“. Американскиот долг и доларот, кои децении беа синоним за сигурност, сега се гледаат како извор на ризик, а никој не може со сигурност да каже што може да ги замени.

Глобални последици и нова економска реалност

Нобеловецот Џозеф Стиглиц додава дека целата планета може да биде погодена ако американската политика продолжи да се води со инстинкти и популизам, наместо со наука, податоци и здрав разум. Тој потсетува дека според ОН, повеќе од 3,3 милијарди луѓе живеат во земји кои трошат повеќе на сервисирање на долгови отколку на здравство, а повеќе од 2 милијарди живеат во држави каде долгот ја надминува дури и потрошувачката за образование.

„Ова не е патот кон одржлив развој“, вели Стиглиц. Во услови на високи каматни стапки, глобалната финансиска болка може да биде далеку поголема од кризата во 2008 година, а последиците – поразителни.