Американци ќе копаат редок минерал во кривопаланечко и ќе го извезуваат кај нив, рече Мицкоски за придобивките од Стратешкиот дијалог со САД

Копањето на рудата антимон ќе може да значи многу за нашата економија, смета премиерот

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски денеска информира дека според стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД, ќе се промовира инвестиција во производен објект како рудата антимон, која што ќе се експлоатира во близина на кривопаланечкото село Луке. Тоа е редок минерал и, како што вели премиерот, ќе може да значи многу за нашата економија.

-Истрагите таму се веќе при крај и очекувам тоа многу скоро да биде започнато. Ќе се извезува во САД. Од инвеститорите ја добив информацијата дека топилницата ќе се гради во Оклахома, САД. Тоа е заокружен циклус и важно за Македонија како држава и нас како граѓани. Очекувам плоден ден во САД, рече премиерот за состанокот во САД.

Антимонот е релативно ретка минерална суровина, која има значајна улога во современата индустрија, особено во производството на батерии, огноотпорни материјали и легури. Побарувачката за антимон во светот силно расте последниве години, делумно поради неговата примена во енергетиката и електрониката, што го прави стратешки важен ресурс на глобално ниво.

Македонската делегација во Америка ја предводи шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, а ќе учествуваат и министрите за внатрешни, одбрана, дигитална трансформација и енергетика.

Домаќин ќе биде заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Лендау. Детали сè уште не се откриваат, но ќе се разговара за соработка во повеќе области. Фокусот ќе биде кон политичка и безбедносна соработка.

Се очекува македонската делегација да го покрене и прашањето за враќање на иселеничките визи, кои САД ги замрзна во јануари годинава, но и да се обиде да го вметне и прашањето за целосно повлекување на визите за македонските граѓани.

Слични содржини