Американската морнарица објави ВИДЕО од инцидентот со кинески брод во Тајванскиот теснец

од Stefanija Kuzmanovska
440 прегледи

Во екот на влошувањето на кинеско-американските односи, американската морнарица денеска објави видео со коментар „небезбедна интеракција“ на кое е прикажан ризичниот момент кога кинески воен брод пресретнал американски ракетен разорувач во Тајванскиот теснец.

Блиската средба дојде откако двете земји разменија обвинувања за недостаток на воени разговори и несогласувања за речиси секое главно прашање – од економијата и трговијата до Тајван и конфликтот во Украина, што ги зголеми стравувањата дека расправијата меѓу Пекинг и Вашингтон може да излезе од контрола, пренесува „Ројтерс“.

Американскиот ракетен разурнувач „Чанг Хун“ и канадскиот воен брод „Монтреал“ извршија ретка заедничка мисија во саботата во чувствителната морска област на Тајванскиот теснец, воден пат во близина на Тајван, за кој Кина тврди дека е нејзина територија.

Седмата флота на САД во саботата објави дека воените бродови „Чанг Хун“ и „Монтреал“ извршиле рутински премин низ Тајванскиот теснец „во меѓународни води каде пловидбата и прелетувањето се дозволени во согласност со меѓународното право“, а Пентагон денеска соопшти дека кинескиот воен брод го пресекол текот на американскиот разурнувач на оддалеченост од околу 130 метри.

Снимката објавена од американската морнарица, исто така, покажува радио предупредување на англиски јазик упатено до кинескиот брод што се однесува на „обид да се ограничи слободната навигација“, иако точната формулација е нејасна поради звукот во заднина во кој доминира ветерот.

Кина директно не ги коментираше американските критики, а кинеското министерство за надворешни работи сè уште не одговори на барањата за коментар за инцидентот.

Американско-канадската воена мисија во Тајванскиот теснец беше извршена во моментот на одржување на голем безбедносен самит во Сингапур, каде што американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ја критикуваше Кина за одбивањето да одржи воени разговори со САД што доведоа до ќорсокак околу Тајван и територијалните спорови во Јужното кинеско море.

На безбедносен самит во Сингапур, кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу предупреди дека во азиско-пацифичкиот регион е оживеан „менталитетот на Студената војна“, иако рече дека неговата земја води дијалог наместо конфронтација.

Тој индиректно ги критикуваше САД, обвинувајќи ги „некои земји“ за интензивирање на трката во вооружување и намерно мешање во внатрешните работи на други земји.

„Взаемното почитување треба да ги надмине малтретирањето и хегемонијата“, рече Ли.

Слични содржини