Американската војска работи на планови за одржување на голема воена парада во Вашингтон, која ќе се одржи по повод 79-тиот роденден на Доналд Трамп, што се совпаѓа со прославата на 250-годишнината од формирањето на американската армија. Според документите до кои дојде „Асошиејтед Прес“, планирано е учество на над 6.600 војници, 150 воени возила, 50 хеликоптери и седум воени оркестри, со евентуално присуство на неколку илјади цивили.
Документите, датирани од крајот на април, не се официјално објавени, а парадата сè уште не е одобрена. Организацијата на настанот ќе вклучува значителни трошоци, кои се проценуваат на десетици милиони долари. Тие ќе бидат наменети за транспорт на воена опрема, логистика, сместување и исхрана на војниците. Високите трошоци беа причината што слична иницијатива беше суспендирана за време на првиот мандат на Трамп.
#BREAKING US to stage military parade on June 14, coinciding with Trump birthday: W. House pic.twitter.com/OgzzrJ85BE
— AFP News Agency (@AFP) May 2, 2025
Дополнително, градските власти изразија загриженост за потенцијалната штета што тешката воена опрема би можела да ја предизвика врз инфраструктурата на Вашингтон. Иако официјална одлука за парадата сè уште не е донесена, представници на армијата нагласуваат дека сакаат да го претворат настанот во прослава за целата нација и можност за граѓаните да ја запознаат својата армија.
„Парадата би била одличен додаток на нашиот план за прослава на годишнината“, изјави генерал-потполковник Дејв Батлер, портпарол на армијата.
Ако се одржи, ова ќе биде една од најголемите воени паради во САД во последните децении и ќе има силен политички симболизам. Трамп долго време бараше ваков настан, изразувајќи желба за организирање на парада, донекаде љубоморен на свеченостите што ги организираат Русија и Кина.