Додека Русија продолжува со бруталните напади врз украинските градови, водечки американски воени експерти и високи функционери го предупредуваат Доналд Трамп дека токму сега е решавачкиот момент за акција – момент кога руската армија е значително ослабена и може да се изврши силен удар врз Кремљ. Според истражување на „Вашингтон пост“, на кое се повикуваат „десетици високи американски функционери и воени експерти“, моменталната состојба на бојното поле во Украина укажува дека Москва е на колена. Русија не само што не може да напредува, туку се соочува со сериозен недостиг од војници и опрема.
„Ова е можеби најповолниот момент за извршување силен притисок врз Русија од почетокот на војната“, стои во анализата. Американските воени стратегисти, предводени од познати аналитичари како Дара Масикот од Фондацијата Карнеги, тврдат дека Русија веројатно нема да може да постигне целосна контрола над окупираните украински територии.
„Постои голема разлика меѓутоа да се турнат Украинците назад неколку километри, по цена на огромни жртви, и да се има вистинска воена сила за одлучен пробив. Тоа Русија го нема“, изјави Масикот.
Ситуацијата на фронтот ја потврдува оваа проценка: од почетокот на 2025 година, руската армија зазеде само 0,15% нова територија. Темпото на напредок опадна од 125 квадратни километри неделно на крајот на 2024 година на само 41 квадратен километар сега.
Затоа експертите го повикуваат Доналд Трамп да не се повлекува, туку напротив – да го искористи моментот за нокаут удар врз Путин, со засилена воена поддршка за Украина. Весникот „Форбс“ предупредува дека доколку Трамп се откаже од мировните преговори и ја прекине воената помош, тоа може да доведе до капитулација на Украина и политичко зајакнување на Путин во Европа.
Воениот и политички притисок врз Трамп расте. Иако тој критички се изразуваше и за Путин и за Зеленски, неговиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог, остро го осуди руското бомбардирање и го повика Кремљ веднаш да го прекине огнот. „Ова е јасно кршење на Женевските протоколи. Убивање цивили додека спијат е срамно“, рече Келог.
Додека руските сили секоја ноќ лансираат десетици ракети и дронови врз украинските градови, сите очи се вперени во Трамп и неговиот став на претстојниот НАТО самит во Хаг. Американските претставници порачаа дека Трамп може да ја откаже посетата ако не се договори зголемување на трошоците за одбрана – уште една причина поради која се гледа колкава тежина има неговата одлука. Но воениот притисок е јасен: Русија губи здив. Украина има шанса. Сега е моментот за стратешки нокаут. Дали Трамп ќе послуша? Од неговиот следен потег зависи не само иднината на Украина, туку и стабилноста во цела Европа.