Американците ги бојкотираат Олимписките игри во Кина

од Nikola Popovski

САД нема да испратат дипломатски претставници на Зимските олимписки и параолимписки игри во Пекинг во 2022 година поради „геноцид и злосторствата против човештвото што се во тек во Ксинџијанг“, соопшти Белата куќа.

„Со своето присуство, американската дипломатска мисија ќе ги третира овие игри како ништо да не се случило, и покрај кршењето на човековите права и злосторствата на Кина во Ксинџијанг. А ние едноставно не можеме да го направиме тоа“, изјави портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

Дипломатскиот бојкот значи дека на Игрите одат само спортисти, а не официјални претставници кои ја претставуваат земјата. Како што е наведено, администрацијата на Бајден ќе им даде целосна поддршка на американските спортисти во Пекинг.

Кина веќе неколку години е цел на обвинувања од страна на бројни земји и организации за човекови права за геноцид врз муслиманското малцинство Ујгури и други етнички групи во провинцијата Ксинџијанг, како и за третман на демонстрантите во провинциите Тибет и Тајван.

Претходно во понеделникот, Кина се закани дека ќе преземе контрамерки доколку САД решат да ги бојкотираат Игрите во Пекинг.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан рече дека таквиот потег на САД би бил „директна политичка провокација“, но не објасни кои ќе бидат контрамерките.

Зимските олимписки игри ќе се одржат од 4 до 20 февруари 2022 година во Пекинг.

Фото: Xinhua

Слични содржини