Организацијата Амнести интернешнл ја обвини Европската унија дека е соучесник во малтретирањето на мигрантите од Африка кои преку Либија се обидуваат да пристигнат до земјите на ЕУ.
Унијата постигна договор со властите на Либија за затворање на границата откако стотици илјади мигранти го искористија хаосот во оваа држава за да стигнат до Италија во текот на 2016 и 2017 година.
Амнести интернешнл тврди дека има докази дека патролен брод кој Италија и го донирала на Либија бил употребен во акција за запирање на бродче со мигранти, при што 50-ина лица се удавиле. Организацијата исто така тврди дека екипажот на овој брод одбивал да им помогне на мигрантите кои ќе ги пресретнел во Средоземното Море.
– Европските влади покажаа кои се нивните вистински приоритети. Тие сакаат да ја затворат главната средоземноморска рута, при што ретко обрнуваат внимание на човечкото страдање кое го предизвикуваат, изјави директорот на Амнести интернешнл за Европа, Џон Далхуисен.
Се смета дека околу 20.000 мигранти кои се обиделе да стигнат до Европа преку Либија моментално се заглавени во оваа држава, честопати сместени во преполни кампови и изложени на секаков вид малтретирање./MIA