Амнести: нападите на мултинационалната коалиција на Рака можеби го прекршиле меѓународното право

од desk4
126 прегледи

   Организацијата за заштита на човековите права Амнести интернешнел соопшти дека кампањата во 2017 година, на мултинационалната антиџихадистичка коалиција предводена од САД, против сирискиот град Рака, кој беше де факто „главен град“ на Исламската држава, можеби ги нарушила меѓународните закони затоа што биле доведени во опасност животи на цивили.

За време на кампањата за враќање на контролата врз Рака, коалицијата не ги преземала потребните заштитни мерки за да се намали штетата за цивилите, стои во извештајот на Амнести. Според организацијата, во освојувањето се убиени стотици цивили, а цели делови од градот се претворени во урнатини.

Експерти на Амнести од февруари разговарале со 112 лица од Рака и посетиле 42 места, кои биле цели на нападите на коалицијата. Нивниот извештај со заклучоци е насловен „Војна за целосно уништување“.

– Кога толку многу цивили се убиени во напад по напад, нешто дефинитивно не е како што треба, изјави Донатела Ровера, една од претставничките на Амнести која ја посети Рака во февруари.

Портпаролот на коалицијата, американскиот полковник Шон Рајан изјави дека во извештајот имало „груби невистини“ и оти коалицијата и сојузничките сириски сили организирале безбедни коридори за жителите, но ИД ги задржала во Рака за да ги користи како живи штитови.

Жителите на Рака изјавиле дека коалицијата напаѓала без да прави разлика и побарале компензација. Странски новинари кои ја посетиле Рака во април, велат дека откриле град во урнатини во кој се шири миризба на тела во распаѓање. Од урнатините на зградите досега се извлечени околу 500 тела, но и шест месеци по завршувањето на борбите, се уште има затрупани тела.

Според Граѓанскиот совет на Рака, кој го презеде управувањето со градот, 65 отсто од домовите биле уништени. Порано во Рака живееле 200.000 луѓе.