За ДУИ можеби е најпаметно да оди на избори сега, но тие се свесни и дека никогаш повеќе нема да имаат волку власт и моќ, изјави политичкиот аналитичар Ивица Боцевски, коментирајќи ја можноста внатрепартискиот судир во ДУИ да предизвика предвремени парламентарни избори, со оглед на тоа дека парламентарното мнозиство е тенко.

Ивица Боцевски
– Сметам дека уште не може да ја согледаме длабочината и интензитетот на судирот во ДУИ. Засега знаеме дека се издвои една група од високото раководство, поранешни и актуелни функционери, под прекарот ,огнени’ и дека тие сс посебно насочени со критиката кон Артан Груби. Се покажа дека тие имаат некаква изворна моќ во партијата, за разлика од Артан Груби кој што е измислица на лидерот. Али Ахмети може да ја покаже својата моќ и да ги скрши ,огнените’, но и тоа ќе го кошта политички. Затоа најверојатно ова ќе заврши со некакво внатрепартиско прередување во партијата. Исто така, ДУИ ги изгуби Тетово и Гостивар, како и статусот на коалиционен партнер на градоначалниците на Скопје и Куманово. Постои желба за промена кај Албанците во Македонија. Така што, за ДУИ можеби е најпаметно да оди на избори сега, но тие се свесни и дека никогаш повеќе нема да имаат олку власт и моќ. Во секој случај, останува да ги следиме идните потези на ,огнените’ и одговорот на Али Ахмети, изјави Боцевски за „Локално“.

Зуди Џелили
Од друга страна, поранешниот пратеник Зуди Џелили смета дека експертска Влада би била најдоброто решение во моментов за државата. Според него приоритет за државата е да се изгласаат потребните уставните измени, и да се решаат други прашања за кои е потребен политички консензус и компромис.
– Посебно економската и енергетската криза барат широк општествен и политички консензус. Потоа може да се мисли да се оди на предвремени избори. Што се однесува до „Огнената група“ на ДУИ, во споредба со условите што земјата мора да ги исполни на патот кон ЕУ, нивната улога е ирелевантна, изјави Џелили за „Локално“.

Александар Спасеновски
Професорот и аналитичар, Александар Спасеновски за „Локално“ вели дека теоретски, нездоволствата во ДУИ може да предизвикаат предвремени избори.
– ДУИ е еднанод двете стожерни партии во владеачката коалиција и било какви потреси кои се закана за воспоставеното единство, може да предизвикаат владина криза, што е прв чекор до рекомпонирање на мнозинството или до предвремени избори. Сепак, фактички, сметам дека е малку веројатно да се предизвика ваков потрес, главно заради две групи на причини: Прво, затоа што претседателот на ДУИ, Али Ахмети извесно е дека има неспорен авторитет внатре во Партијата и затоа што во изминатите години тој, повеќе или помалку, успешно ги менаџираше внатрепартиските конфликти во оваа партија. Второ, затоа што евентуален пад на Владата и распуштање на Собранието на ваков непланиран начин, сметам дека би можело да има дестабилизирачки ефект, што во услови на сложена геополитичка состојбата во светот, мислам дека нема да се дозволи да се случи. Вкупно земено, да, незадоволството во ДУИ може да предизвика кризи во политичкиот систем на Република Македонија, но мислам дека поверојатна е опцијата дека овој конфликт ќе се надмине, вели Спасеновски.
Д.Ј.