Аналитичари за посетата на Курти: „Обидот за вештачка дестабилизиција и нарушување на добрососедските односи нема да пројде ниту кај едната, ниту кај другата страна“

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

Билатералните односи се на високо ниво и инцидентот со косовската претседателка на скопскиот аеродром, нема да ги влоши, се согласуваат македонскиот и косовскиот премиер, Христијан Мицкоски и Албин Курти. Ќе чекаат правна разрешница на случајот кој од технички проблем стана дипломатски скандал. „Османи е добредојдена и на следното доаѓање на аеродромот јас ќе ја придружувам“, рече шефот на македонската Влада. Курти ќе го чека извештајот за инцидентот. Вели дека несомнено било тешко искуство за претседателката Османи, која патувала со двете деца. „Органите изразија жалење и најдобро е да не се повтори ваков случај“, кажа Курти и порача дека (засега) не е провокација тоа што се случило на аеродромот „Скопје“. Во меѓувреме и Министерството за внатрешни работи излезе со информација дека е поднесена кривична пријава на шефот на обезбедувањето на Гаши.

И додека дел од косовската јавност смета дека посетата на Курти била избрана и погрешна во овој момент и истакнуваат дека Мицкоски не се извинил за инцидентот, дел од македонската јавност поинаку гледа на развојот на настаните и односите меѓу двете соседни земји.

Какви пораки испратија Мицкоски и Курти?

Новинарот и политички аналитичар, Дритон Зенку смета дека доколку внимателно се следат нивните изјави, намерата била случајот на да се прикаже изолирано и без никакво планирање. Вели Мицкоски го даде своето објаснување и покажа претпазливост кога рече дека следниот пат ќе оди лично да ја пречека претседателката Османи на аеродромот, за да се избегнат вакви инциденти.

Дритон Зенку

-Истакна дека протоколите мора да се почитуваат. Апелот на Курти беше вакви случаи да не се повторуваат во иднина. Позициите на двајцата премиери беа пријателски и беше изразена соработка на хоризонтот што стана разбирливо во предизборната кампања.

Пратеникот Беким Ќоку не е член на ниту една партија која е дел од ВЛЕН, додека повеќепати е повикуван како претставник на партијата на Курти. Беким Ќоку е дел од парламентарното мнозинство, што значи дека партијата на Албин Курти де факто е дел од владата. Односите меѓу двете држави во однос на новата влада во Скопје беа позитивни од самиот почеток. Шефовите на косовските држави беа меѓу првите кои му честитаа на претседателот на државата и на новата влада. Инцидентот на аеродромот и апсењето на косовскиот државјанин со потерница од Србија ги ослабуваат овие односи, а посетата на Курти на Скопје дава порака дека ваквите проблеми не можат да влијаат на односите меѓу двете влади и двете држави. Албин Курти даде одобрение за формирање на новата влада во Скопје, поради фактот што директно ја поддржуваше коалицијата ВЛЕН во предизборната кампања, анализира Зенку во разговор за „Локално“.

Околу реакциите во косовската јавност за посетата, новинарот вели дека немаме информации дали посетата на Курти била планирана порано.

-Верувам дека ако не беше претходно договорена како посета, токму случајот со претседателката Османи и апсењето на косовскиот државјанин кој моментално е во домашен притвор, беа причина за посетата. Намалувањето на тензиите и претставувањето на случаите како спонтани и без позадина, но и решавањето на некои други случаи меѓу двете држави и некои заеднички проекти, беа главната причина за оваа посета, истакнува Зенку.

Иако од македонската Влада велат дека нема влошување на односите меѓу двете земји, сепак се остава впечаток дека има „турбулентни“ односи во последниот период. Според соговорникот, актуелните влади во Приштина и Скопје креираат односи во согласност со предизборната атмосфера. Тврди дека партијата на Албин Курти – Самоопределување напорно работеше да ја собори ДУИ од власта.

-Сега има некои разлики меѓу нив, но верувам дека заедничките точки што ги обединуваат се посилни. Движењето Самоопределувње е левичарска партија, ВМРО-ДПМНЕ десничарска партија. Во владата на Мицковски има српски министер со отворени просрпски и проруски убедувања. И во иднина ќе има вакви инциденти и несогласувања, но убеден сум дека она што ги спојува е многу посилно од она што ги раздвојува. Сведоци сме дека во земјите од Балканот, но и во внатрешноста на државите на Европската Унија се случува политичко движење кое не оди во полза на официјален Вашингтон и Брисел. Познати се позициите на САД, ЕУ и НАТО во однос на владата на Косово, владата во Црна Гора и новата Влада во Скопје. Веќе секојдневно се повторуваат пораки за Владата на Мицкоски. Денеска во Скопје, Будимпешта се гледа како спасител на економијата, додека улогата на Унгарија во Европската Унија е добро позната, оценува Зенку.

„Топката беше спуштена на земја“

„Дефинитивно порака дека обидот за вештачка дестабилизиција и нарушување на добрососедските односи нема да пројде ниту кај едната, ниту кај другата страна“, вели политичкиот аналитичар Александар Ристевски за вчерашната средба и заклучоците од неа. Според него, кога гледате проблем кој некој сака да го напумпа, секогаш треба да видите кој од истиот ќе добие, кој ќе загуби.

Александар Ристевски

-Мицкоски и Курти немаат потреба од проблеми. Затоа топката беше спуштена на земја, посочува Ристевски за „Локално“.

Смета дека косовската јавност реагира на таков начин, бидејќи некој така ќе ги претстави работите во истата.

-Извинување се дава кога сте виновен за нешто и кога вината е на самата Влада или држава. Човекот кој работи на царината на аеродромот треба да биде награден затоа што работи според протоколи за работа. Тој бил професионалец. Нема потреба за извинување, туку само жалење за еден немил настан и апел понатаму секој да ги почитува законите и прописите, дециден е соговорникот.

Ристевски порачува дека односите се сосема добри, а проблеми секогаш прават оние кои се незадоволни од моменталните политички констелации. Тврди дека можеме да видиме кој е тоа во Македонија,а кој на Косово. Кој се заканува со дестабилизација, и кој креира лоша атмосфера.

-Затоа си има органи на прогон, со има служби и институции, кои треба и мора да реагираат по службена должност. Тоа е обележје на една држава. Не мора да е се гола политика. Има луѓе и институции кои има опис и попис на работно место да се грижат некои работи да не излезат од контрола, а тие кои тоа го иницираат и предизвикуваат, ќе мора да одговараат. Ние сме земја членка на НАТО, било каква форма на дестабилизација со земја која не е членка е форма на агресија, заклучува политичкиот аналитичар.

Н.П.

Слични содржини