Анализа на претседателските кандидати: „Политичката поддршка за ВМРО-ДПМНЕ ќе се пренесе на Силјановска Давкова, но тоа не е коментар за квалитетот на Пендаровски“

од Nikola Popovski
399 прегледи

Почнува да се комплетира листата кандидати за претседателската трка. Познати лица ќе се борат за најпрестижната функција. Партиите веќе го подготвуваат теренот, така што од денеска започнува рокот за собирање потписи за кандидатура. Актуелниот претседател Пендаровски повторно ќе се бори за фотељата во Вила Водно и повторно ќе биде кандидат на СДСМ на претстојните избори. Од друга страна, ДУИ го кандидира шефот на дипломатија Бујар Османи за претседателските избори. ВМРО-ДПМНЕ ќе трча со пратеничката Гордана Силјановска-Давкова, така што реално можеме да видиме реприза на дуелот во вториот круг од последните претседателски избори. Зад кандидатурата на Арбен Таравари претседателот на Алијансата застана обединетата албанска опозиција – Сојуз за европски промени. Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски и претседател на партијата ЗНАМ е исто така номиниран за учество, а покрај него и Стевчо Јакимовски од ГРОМ влегува во трка на претседателските избори. Левица ќе оди на изборите со професорката Билјана Ванковска.

Колкави се шансите на кандидатите? 

Аналитичарите очекуваат битка меѓу кандидатите на двете најголеми партии во земјата. Петар Арсовски смета дека фаворит е Силјановска-Давкова бидејќи според анкетите, партијата води и на парламентарните и на претседателските избори и оттаму не очекува изненадување кој би одел во вториот круг.

-Втор во моментов би бил Стево Пендаровски бидејќи во вториот круг може да се надева на повеќе гласови од албанскиот електорат и од другите. Сме имале таква ситуација кога поранешниот кандидат Тито Петковски на изборите во 1999 година, водеше со 130 илјади гласови во првиот круг, па потоа победи Борис Трајковски, вели Арсовски во разговор за „Локално“.

Со сличен став е и поранешниот дипломат и аналитичар, Марјан Ѓорчев. Според анкетите, како што вели, силата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се пренесе и на гласовите на претседателскиот кандидат.

-Двојната разлика може нема да биде пренесена во целост на кандидатот, но ќе си има свои гласови. Секој поединец има своја позиција во општеството, застапува одредени интерес и одредени групи на луѓе и сепак мислам дека силата на ВМРО дава предност на кандидатката Силјановска Давкова, рече Ѓорчев во разговор за „Локално“.

Околу шансите на Пендаровски, Арсовски оценува дека шефот на државата е добар претседател, релативно независен, инклузивен… особено затоа што, како што посочува, дојде после Ѓорѓе Иванов кој беше еден од најлошите претседатели што сме ги имале.

-Беше доста пристоен и мислам дека би бил добар претседател. Сепак, функцијата претседател не може да се одвои од вкупниот политички амбиент, ни потенцира соговорникот.

Петар Арсовски

За разлика од него, Ѓорчев објаснува дека Пендаровски ќе има тешка задача, најпрвин затоа што секогаш по вторпат да добиеш е многу тешко.

-За време на неговиот мандат, немаше одлуки кои што беа различни од одлуките на владеачката коалиција, така што не покажа некоја самостојност или претставничка функција која што ќе биде независна во однос на извршната власт. Неговите изјави беа поклопени со изјавите на тогашните премиери и ценам дека македонските граѓани сакаат претседател кој што ќе има независен став и претставник на македонската држава и ќе биде независен од државната власт. Пендаровски не оствари резултати кои што ќе му бидат предност во трката, туку ќе има хендикеп поради досегашната негова работа, вели другиот соговорник.

Дали може да има изненадување?

Според Арсовски, можно е да има значајна разлика Силјановска-Давкова во првиот круг, но тоа е, не заради неа, туку поради целокупниот политички амбиент во кој ВМРО-ДПМНЕ во моментов води.

-Перформансот на владата е тој кој што најмногу ќе влијае на резултатите на претседателските кандидати, а не самиот нивен перформанс. Вкупната политичката поддршка за ВМРО-ДПМНЕ ќе се пренесе и на Силјановска Давкова и тоа не е коментар за квалитетот на Пендаровски, дециден е аналитичарот.

Околу прашањето дали Албанците овој пат имаат „ас во ракавот“ со Таравари за прв Албанец претседател на земјава или Османи може да му ги помати сметките, Арсовски појаснува дека ДУИ до последно се мислеше дали да поддржи консензуален кандидат Македонец или ќе оди со свој.

-Факт е дека бројките покажуваат дека сите албански партии кога би ги собрале рејтинзите, можат да го надминат Пендаровски и да влезе нивниот кандидат во втор круг. Сепак треба да имаме предвид дека мобилизацијата на гласачите Албанци, ќе предизвика контра мобилизација на гласачи Македонци, дециден е соговорникот, додавајќи дека не верува во големо изненадување толку доцна во играта.

Марјан Ѓорчев

-Етаблирани се политичките брендови. Можеме да очекуваме одредени политички поместувања во албанскиот блок поради здружувањето на албанската опозиција. Големо изненадување ќе беше ако се споеше европскиот фронт. Тоа ќе беше значајна политичка варијанта. Сега кога тој не постои, релативно се етаблирани центрите, заклучува Арсовски.

За Ѓорчев, едноставна е работата – се работи за количник, за кој вели, несомнено е на страната на македонскиот гласачки електорат и се во однос кон албанскиот гласачки електорат со 4:1.

-Добро е што албанските партии предлагаат свои кандидати бидејќи и тие се дел од македонската демократија и се граѓани на Македонија, но мислам дека нивните шанси ќе бидат, пред се, да си ги измерат силите двете групации и во делот на нивните кандидати. Тоа е добро за демократијата и за Македонија. Имаме точно профилирано кој за која партија се определува. Нема да има изненадувања. Конечната битка ќе се води меѓу Силјановска-Давкова и Пендаровски, ни кажа поранешниот амбасадор.

Н.П.

Слични содржини