Анализа на третата фаза: Колку е ефикасна и сигурна вакцината на Оксфорд?

од Nikola Popovski

Вакцината, која заеднички ја развиваат Универзитетот Оксфорд и АстраЗенека, е безбедна и ефикасна, потврди новата анализа на клиничките испитувања на вакцината. Истражувачите кои работеле на студијата објавија дека оваа вакцина ќе има големо влијание врз пандемијата на коронавирусите, пренесува „Sky News“.

Резултатите од нивното истражување беа објавени во „Лансет“ и ја претставуваат првата рецензирана анализа за испитување на податоците од третата фаза на клинички испитувања на вакцината. Тие се надеваат дека вакцината ќе биде одобрена за употреба во Велика Британија во следните неколку недели.

Скоро 12.000 волонтери учествувале во испитувањето на вакцините Оксфорд и Астра Зенека во Велика Британија и Бразил. Резултатите покажуваат дека ефикасноста на вакцината во просек изнесувала 70,4 проценти.

Во групата која ги примила двете стандардни дози, ефективноста на вакцината била 62,1 процент, но во групата што примила непланирана половична доза, а потоа и целосна доза, ефективноста се зголемила на 90 проценти.

Податоците од истражувањето се доставени до регулаторните тела ширум светот за одобрување.

„Денес објавивме привремена анализа на третата фаза од испитувањето со вакцини и покажавме дека новата вакцина е безбедна и ефикасна против коронавирус. Исклучително сме им благодарни на нашите волонтери кои работеа со нас во текот на изминатите осум месеци за да не донесат на оваа пресвртница“, изјавил професорот Ендру Полард, директор на Групата за развој на вакцини во Оксфорд и главен истражувач на тестовите за вакцини во Оксфорд.

Вакцината на Оксфорд и Астра Зенека е едноставна и ефтина за производство и може да се произведува во големи количини со ниски трошоци. За разлика од вакцините  на Фајзер и Бионтек, тие не треба да се чуваат на екстремно ниски температури.

Сара Гилберт, професор по вакцинологија на Универзитетот во Оксфорд, денес го опиша како „веројатно најдобриот ден на 2020 година“.

„Откако ја докажавме ефикасноста на вакцината во многу претклинички студии, сега имаме јасни докази за ефикасноста на вакцината. Се надеваме дека оваа вакцина наскоро ќе се искористи за да спаси животи“, нагласил Гилберт.

Тестовите за вакцината Оксфорд сè уште траат. Останува отворено прашањето колку долго им обезбедува имунитет на луѓето.

Слични содржини