Социјалната нееднаквост се зголемува, богатите стануваат побогати, сиромашните се посиромашни. Според дел од економистите, оправдани се па дури и нужни размислувањата за промена на сегашниот модел на рамно оданочување. Опозициската СДСМ веќе ја отвори дебатата за резултатите од сегашните даночни политики на Владата. Дел од партите сметаат дека се потребни промени во моделот.. Од Владата се уверени дека токму сегашниот даночен коцепт е стожер за привлекување на странски инвестиции и отворање на нови работни места.

siroma

Економската анализа на Порталб.мк ја отвара дилемата: Рамен или прогресивен данок?

Има ли услови и потреба за промена на даночниот модел?

Како дел од проектот “Визијата за Македонија“, опозициската СДСМ  обелодени дека ќе се залага за промена на даночниот модел, наместо рамно, прогресивно оданочување. Со ова, во јавноста се врати дилемата дали е потребна промена и што ќе значи тоа за граѓаните и за фирмите. Дел од економистите  се залагаат за прогресивно оданочување, со образложение дека сегашниот модел уште повеќе ја продлабочува нееднаквоста меѓу сиромашните и богатите.

“Не само што е потребна промена, туку таа е нужна, за конечно да тргнеме по вистинскиот пат на развојот. Колку е парадоксален сегашниот даночен систем може да се види од следниот пример. Најплатениот директор во Македонија во 2012 година земал плата од 76.000 евра месечно, и ѝ платил на државата само 11% давачки. Работниците на минимална плата пак, кои земаат 150 евра месечно, на државата ѝ плаќаат 32% давачки. Во Германија, на пример, директорот би платил 47% давачки на државата, а работниците на минимална плата – 20%“, вели економистот Бранимир Јовановиќ и додава дека дека сегашниот модел е на штета на оние кои се насиромашни, односно најмалку платени.

“Настрана емоциите, аргументите за прогресивен данок се базирани на здрав разум. Со сегашниот даночен систем ние имаме состојба во која богатите се возат на грбот на сиромашните. Од таа причина богатите треба да плаќаат даноци по повисоки стапки, а сиромашните по пониски, како што е во секоја развиена економија. “, вели за Порталб.мк економистот Јовановиќ.

Дел од партиите оценуваат дека е потребна промена во даночниот систем, но преку намалување на одредени даноци. Стопанственикот Венко Глигоров од Либералната партија вели дека сегашниот модел на рамно оданочување  ги поедностави постапките за пресметки и номинално ги намали давачките, но од друга страна се вовеле нови, со што товарот за фирмите повторно е голем.

“Вредно е да се истакне дека во исто време се зголемија некои давачки, фирмите се подложни на драконски казни или не се намалија давачките од плата така како што ветуваше владата. Сумирано, нето ефектот за фирмите и за граѓаните е – повисоки давачки. Како партија не сме за промена на даночниот модел од рамен данок на прогресивен. Ако воопшто се воведува, може да се постави прогресивен данок за одреден кус период. Моментално и за ова не гледаме причини за промена. Тоа што мислиме да се промени е дистрибуцијата на овие даночни приходи кон инвестирање на корисни работи, а не на расфрлање на средствата по непродуктивни активности. Ваквата промена е повеќе од потребна“, вели Глигоров.

Политиката на рамно оданочување, според Владата е еден од клучните адути при промоција на Македонија како дестинација за инвестирање. Во најновото рангирање на “Бизнисинсајдер“, Македонија беше рангирана на прво место во светот, како земја со најниски даноци.

“Кога избираат место за развој на нивниот бизнис, меѓународните компании обрнуваат сериозно внимание на даночните стапки во различни земји. Владите често се натпреваруваат да ги истакнуваат конкурентните предности со ниските даноци“ – се вели во октомвриското објавено истражување.

Аналитичарот Јовановиќ, се сомнева дека сегашниот даночен модел ги дал оние очекувања поврзани со помала евазија, повисоки даночни приходи, зголемени странски инвестиции и повисок економски раст.

“Даночните приливи во буџетот, како процент од БДП, се намалија по воведувањето на рамниот данок. Следствено, се зголемија буџетските дефицити и јавниот долг. Странските директни инвестиции исто така се пониски во периодот по воведувањето на рамниот данок отколку во периодот претходно. Исто и економскиот раст“, вели за Порталб.мк Јовановиќ.

Според стопанственикот Глигоров, Македонија има ниски даноци, но во пакет со другите давачки, трошоците и натаму се големи.

“Даночната дисциплина се зголеми не толку заради рамниот данок туку заради пред се’ засилената контрола на терен и стриктното почитување на користење на фискалните каси. За да се подобри економијата, Либералната партија работи на модел во кој ќе може да извршиме намалување на даночните и другите стапки на зафаќања од граѓаните и бизнисите. Паралелно со ова, гледаме да вклучиме и поефтинување на дел од услугите што ги даваат владините институции и тела, како и јавните претпријатија. Ова ќе бидат директни придобивки за сите“, вели Глигоров.

Во економија која не може да испорача одржливи и континуирани стапки на раст, невработеност поголема од 26%, постојан одлив на работна сила, а постоечката е ниско платена, мора да се спроведат политики за намалување на нееднаквоста, велат дел од економистите.

“Прво, потребен е целосен редизајн на системот на социјална заштита, за социјалната помош навистина да завршува кај оние на кои им е најпотребна. Второ, потреба е темелна реформа на јавниот сектор, за да се зголеми квалитетот на јавните услуги, како опбразование и здравство. Трето, потреба е поддршка на домашната економија од страна на државата, за зголемената потрошувачка да не заврши целосно во поголем увоз, туку да резултира во поголемо домашно производство“ оценува за Порталб.мк Јовановиќ.

Владата во неколку наврати информираше дека не планира промена на сегашниот даночен модел, кој добива позитивни коментари од страна на странските инвеститори кои отворија фабрики во слободните зони и се корисници на државна помош./Portalb

Слични содржини