Пејачките Ана Николиќ и Анастасија Ражнатовиќ во многу краток временски рок станаа жртви на сајбер-криминалци, кои нелегално објавија нивни нови песни на социјалните мрежи.
Па така, публиката имаше можност да ги чуе песните од новиот албум на Ана, но и песната „Хероина“ со чиј спот малата Ражнатовиќ требаше да го најави својот прв албум.
Кога Ана го објави спотот за првата песна од новиот албум, истиот ден се појавија уште четири песни од него, за кои таа се сомнева дека ги украле хакери. Слично ѝ се случи и на Анастасија, која планираше да ја објави песната „Хероина“ за два месеца, но поради хакерите, тоа го направи вчера.
На Ана ѝ е криво што се случи така, особено што четири години немаше снимено ништо ново, но не презеде драстични мерки. Од друга страна, Анастасија била многу нервозна и тажна, бидејќи во својот првенец вложува многу труд, време и пари. Цеца веќе поднела тужба во Обвинителството за сајбер-криминал во Србија, за да се најде виновникот.
Во моментот кога тоа се случи, Анастасија беше во Скопје, а кога дознала, Цеца веднаш допатувала и заедно со продукцијата одлучиле самите да ја објават спорната песна, а остатокот да го остават на надлежните.
„Не сакав недовршената верзија да се врти на интернет, па затоа објавивме видео со текстот, без спот. Но, ветувам дека наскоро ќе снимам и спот“, им порача Анастасија на своите обожаватели.