Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти беше доста самокритичен по тешката победа од 2-1 на гости кај Селта во Примера. Сепак, тој не покажа грижа за искрите меѓу Белингем и Винисиус доцна во првото полувреме. Тогаш Бразилецот шутираше непрецизно наместо да додаде до подобро позиционираниот соиграч.
„Не ја видов ситуацијата, но не гледам проблем. Реакцијата на Џуд покажува дека тој не само што има карактер, туку и топки. По натпреварот ги видов како разговараат и се забавуваат. Мислам дека нема проблем меѓу нив. Белингем одигра поинаква позиција. Идејата беше тој да делува од втората позиција и да не дозволи противникот да ни создава проблеми со додавањата. Ми се допадна како помина, се прилагоди на новата шема.
Се мачевме, особено во првото полувреме, а можеби проблемот е што не објаснив доволно добро што сакам од играчите. Прелесно ја губевме топката и трпевме од контранападите на противникот. Треба да го подобриме тоа бидејќи централните дефанзивци беа премногу отворени и ја губевме топката во средниот ред. Затоа меѓу нив дејствуваше Чуамени. Во вториот дел работите се подобрија“, изјави Анчелоти, за кого натпреварот против Селта беше број 200 во Ла Лига на чело на Реал Мадрид.