Реал Мадрид во сабота од 21 часот гостува кај Рајо Ваљекано, а прес-конференција пред натпреварот одржа Карло Анчелоти.
Реал во натпреварот влегува со само два бода заостанување зад Барселона, но тимот на Анчелоти има натпревар помалку. Реал во вторникот славеше во Бергамо против Аталанта со 3-2 во Лигата на шампионите, а следната недела патува во Катар на Интерконтиненталниот куп. Навивачите на Реал се загрижени за повредата на Килијан Мбапе против Аталанта, а за тоа проговори и Анчелоти.
„Сите играчи се регенерираа по натпреварот, а Килијан е добро. Чудно е со неговите повреди. Не беше во репрезентацијата, тренираше добро и се грижеше за себе, но сега повторно имаше проблеми. Но, ќе биде добро“, изјави Анчелоти.
На конференцијата стана збор и за Манчестер Сити. Новинарите се интересираа како Анчелоти ја гледа кризата во Сити и дали има совет за Пеп Гвардиола.
„Дали треба да му дадам совет? Не му треба никаков совет. Тој е еден од најдобрите тренери во светот, одбележа цела ера и е иноватор. Оваа криза не го менува моето мислење за него“, изјави Италијанецот.