Реал Мадрид е клуб во кој одлуките се носат со ладна глава, без простор за емоции. Тоа најдобро го потврдува најновата одлука на тренерот Карло Анчелоти. Бразилецот Винисиус Жуниор и покрај фантастичната сезона повеќе нема да изведува пенали.
Таа привилегија и одговорност сега му припаѓа на Килијан Мбапе, првата ѕвезда на клубот и човекот во кој Анчелоти има најголема доверба во одлучувачките моменти. Решавачкиот момент за ваквата одлука на искусниот стручњак од Мадрид се случи на натпреварот против Валенсија, кога Вини промаши уште еден пенал – трет сезонава.
Доволно за италијанскиот стратег кој повеќе не сака да ризикува. Како што објави шпанскиот новинар Хозе Феликс Дијаз, а потврди и „Марка“, Анчелоти лично пресекол: „Отсега само Мбапе го изведува пеналот. Доколку Французинот не биде успешен, улогата ќе ја преземе Џуд Белингам“.
Бразилецот повеќе не е во ред за настап. Иако изгледа како тактичка одлука, јасно е дека тоа ќе има и психолошка тежина. Винисиус е познат по силниот карактер и силното его, а овој потег на тренерот во клучниот дел од сезоната би можел да остави трага.
Особено што Вини се бори и за индивидуални награди како што е „Златната топка“. Статистиката му оди во прилог: 19 гола и 13 асистенции на 42 натпревари. Меѓутоа, кога се крши резултатот – пенал не смее да се пропушти. Мбапе шутираше осум пати од белата точка – шест пати погоди, двапати промаши. Сега ќе има дополнително осигурување, бидејќи знае дека зад него нема конкуренција.
Со овој потег Анчелоти повторно покажува цврста рака. Неговата филозофија е јасна: не е важно кој си, важно е што му даваш на тимот во даден момент. И токму овој вид на прагматизам му донесе толку многу трофеи во текот на неговата кариера. Реал Мадрид се уште ги брка сите трофеи: Лигата на шампионите, Ла Лига и Копа дел Реј.
Го чекаат Арсенал во четвртфиналето од Лигата на шампионите, заостануваат четири бода зад Барселона во првенството, а во финалето на Купот ќе играат против вечните ривали за нов трофеј. Сè уште се е отворено. И ваквите одлуки на Анчелоти можат да направат разлика помеѓу сезона од соништата и разочарување.