Реал Мадрид славеше во возбудлив натпревар на Местаља против Валенсија. „Кралевите“ успеаја да направат пресврт и да победат на самиот крај, но Карло Анчелоти не е среќен поради уште еден промашен пенал.
Ударот од 11 метри на Џуд Белингам беше последната капка и Дон Карло реши да го избере човекот кој ќе изведува пенали во иднина.
Италијанецот на почетокот на оваа сезона реши да ги остави ѕвездите на теренот меѓу себе да одлучуваат кој ќе ги изведува пеналите. Винисиус Жуниор, Килијан Мбапе и Џуд Белингем меѓусебно одлучуваат на теренот, а тоа беше случај и на натпреварот против Валенсија.
Мбапе го изнуди пеналот и овојпат топката отиде кај Белингем. Сепак, Англичанецот шутираше очајно и ја погодува стативата, а кралскиот клуб го промаши третиот пенал оваа сезона.
Тоа беше последната капка. Анчелоти реши да го избере главниот „пеналџија“, кој до крајот на сезоната ќе биде прв избор кога се во прашање ударите од 11 метри. Тоа го потврди по дуелот со Валенсија.
„Исклучително лут сум поради трите промашени пенали. Верувам дека дојде моментот лично да го изберам изведувачот на пенали за остатокот од сезоната“, е јасната порака на италијанскиот стручњак.
Сепак, она што е сигурно е дека во следните неколку натпревари Винисиус Жуниор нема да биде во комбинациите за шутирање пенали. Причината е суспензијата што го следи.
Бразилецот уште еднаш направи хаос на „Местаља“. Тој го удри голманот на домашната екипа Столе Димитриевски, а потоа бурно реагираше на одлуката на судијата да му го покаже патот до соблекувалната.
Шпанците наведуваат дека ѕвездата на Реал Мадрид би можела да добие дури четири натпревари суспензија. Пред се, тоа би значело пропуштање на натпреварите во шпанскиот Суперкуп, како и најмалку еден првенствен натпревар.
Анчелоти најави дека Реал ќе се жали на одлуката за црвениот картон. Смета дека Винисиус бил премногу лесно исклучен.
„Тоа не е црвен картон. Тој реагираше на провокацијата, требаше да биде жолт картон за двајцата. Ќе се жалиме на одлуката“, изјави Карло Анчелоти.