Карло Анчелоти е првиот тренер во историјата со 4 европски Суперкупа. Ова стана факт по победата на Реал Мадрид предводен од него над Ајнтрахт (Франкфурт) со 2:0 во Хелсинки. Италијанецот го крена трофејот со кралскиот клуб во 2014 година, а претходно освои два Суперкупа со Милан (2003 и 2007 година).
Кај фудбалерите нов рекордер е Тони Крос со 5 европски Суперкупа, а по 4 имаат Марсело и Паоло Малдини.
Со импресивно достигнување може да се пофали и Карим Бензема. Французинот го постигна вториот гол против Ајнтрахт и сега има 324 гола за шпанскиот гигант. На овој начин во вечниот ранг на стрелците ја престигна легендата на „лос бланкос“ Раул, кој кариерата на „Сантијаго Бернабеу“ ја заврши со 323 гола.
Само Кристијано Роналдо има повеќе голови за Реал од Бензема – 451.
Против Ајнтрахт, францускиот интернационалец за првпат освои трофеј со мадридскиот клуб како капитен.