Анчелоти: Историјата на нашиот клуб ни помага да победиме во вакви натпревари

од Vladimir Zorba

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти беше исклучително среќен по победата од 3-1 во реваншот со Манчестер Сити во полуфиналето од Лигата на шампионите. Белиот балет направи неверојатен пресврт на крајот од мечот и во продолжението за пласман во финалето на турнирот. Италијанецот смета дека историјата на клубот е факторот кој помага во вакви натпревари.

„Не би рекол дека сме навикнати да победуваме на овој начин. Тоа што се случи вечерва се случи и против Челси и Пари Сен Жермен. Ако ме прашувате зошто, можеби причината е историјата на нашиот клуб, која ни помага да продолжиме да се бориме, дури и кога битката се чини изгубена. Натпреварот беше при крај, но успеавме да ја искористиме последната капка енергија што ни остана. Одигравме добар натпревар против силен противник. Откако успеавме да израмниме, во продолжението психолошка предност беше на наша страна. Среќен сум што се пласиравме во финалето во Париз, каде ќе се сретнеме со уште еден сериозен противник. Но, навикнати сме на тоа. Нè очекува уште една фантастична фудбалска вечер“, изјави Анчелоти.

„Се соочивме со многу силни ривали, кои на почетокот на сезоната беа одредени како фаворити за освојување на Лигата на шампионите – Пари Сен Жермен, Челси, Манчестер Сити. Играчите и навивачите заслужуваат многу честитки бидејќи постојано притискаа. И не само на стадионот, туку и во деновите пред натпреварот. На ова мора да се додаде тежината на дресот што играчите ја чувствуваат кога го носат – гордоста на клубот. За мене финалето против Ливерпул ќе биде дерби, бидејќи се уште се чувствувам како навивач на Евертон“, изјави стручњакот.

Слични содржини