Анчелоти: Мбапе ќе мора да се прилагоди на Реал, уживам да работам со Ѓулер и Ендрик

од Vladimir Zorba
675 прегледи

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, ја започнува својата 29-та сезона како тренер. Белите се на претсезонска турнеја во САД, а првиот официјален натпревар ќе го имаат следната недела кога ќе се соочат со Аталанта во Суперкупот на Европа. Анчелоти за официјалниот сајт на УЕФА раскажа како му поминал одморот кој го поминал во Канада и Монтана. Тој зборува за новото засилување Килијан Мбапе и за претстојната средба со неговиот пријател Џан Пјеро Гасперини.

„Се препуштив на целосен одмор, но ги гледав сите натпревари на ЕП 2024 и Копа Америка. Фудбалот е моја страст, забава. Успеав целосно да се одморам, имав 40 дена одмор. Беше одлично, бев на убави места и гледав фудбал, а тоа ми носи најголемо задоволство“, сподели Италијанецот.

За Мбапе, тој рече: „Тој ќе мора да се прилагоди на овој тим. Многу сме среќни што е тука бидејќи е играч со големи квалитети. Сигурен сум дека брзо ќе се навикне. Сите во Реал Мадрид се многу среќни што тој е тука: навивачите, клубот, играчите, тренерот“.

Запрашан за младите таленти Арда Ѓулер и Ендрик, Анчелоти прокоментира: „Уживам да работам со нив затоа што учат многу брзо. Тие внимателно ги слушаат упатствата и препораките. Сакаат да се развиваат. Смешно е што Винисиус, Родриго, Белингем и Камавинга повеќе не се сметаат за млади играчи. Имаме млад тим со голема иднина“.

Стручњакот ги сподели и своите очекувања за Суперкупот на Европа: „Ќе биде тешко, како и секогаш, бидејќи е почеток на сезоната. Но, таму ќе одиме со самодоверба, но и размислувајќи за предизвиците. Верувам дека Аталанта заслужува да бидат тука затоа што имаа неверојатна кампања во Лига Европа, исфрлајќи врвни тимови, како Ливерпул, со леснотија, па дури и во финалето, тие се многу опасен тим“.

Средбата со Гасперини ќе биде екстра посебна за него бидејќи двајцата се сретнаа во Јувентус пред 30 години, кога Анчелоти беше главен тренер, а неговиот колега беше тренер на младинците.

„Имаме прекрасна врска, пријатели сме. Се знаеме уште од Јувентус. Аталанта редовно игра во Европа благодарение на Гасперини. По неговото доаѓање, тимот одлично се претставува и во Италија. Заврши неверојатна работа и продолжува да го прави тоа“, сподели најуспешниот тренер во клупскиот фудбал.

Слични содржини