Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, зборуваше за медиумите во пресрет на утрешното градско дерби со Хетафе во одложениот натпревар во Примера.
„Ова е решавачки натпревар. Ќе бара многу од нас. Хетафе е многу солиден, игра добро, силни се во дуелите еден на еден. Добро ни оди. Противникот е многу добро организиран и има квалитетни играчи. Играат многу директен фудбал, морам да му честитам на мојот пријател Бордалас. Тој дојде овде кога не беше тренер, имаме иста идеја за фудбалот. Неговата работа е фантастична. На Борха Мајорал му оди многу добро. Ова е тим кој многу ми се допаѓа“, започна Италијанецот.
„Не можам да ви кажам кој меѓу Лунин и Кепа ќе започне утре. Винисиус? Моментално е на најдобро ниво, многу ни помага со головите“, продолжи Анчелоти.
Запрашан за Чави Ернандез, кој најави дека ќе си замине на крајот на сезоната, стручњакот одговори: „Го очекував ова прашање. Имам голема почит кон Чави и сите мои колеги. Ја разбирам неговата одлука. Кога бев на почетокот на мојата кариера, во втората лига на Италија, му кажав на мојот помошник дека нема да стигнам до 2000 година поради притисокот. Сега е 2024 година и гледам дека притисокот е горивото што ве поттикнува“.
Анчелоти ја прокоментира и ситуацијата околу Лука Модриќ, чиј договор истекува на лето: „Тој е легенда, освои пет ЛШ, има 39 години. Тој треба да одлучи за продолжување на договорот. Во Лас Палмас го кажав она што го мислев и тој го знае тоа“.
„Арда Ѓулер добро напредува, секој ден се подобрува физички. Треба да бидете трпеливи. Зад него стои цела држава како Турција. Сигурен сум дека ќе дојде неговото време“, изјави тренерот на Реал во врска со младиот фудбалер.