Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти го изрази своето задоволство од победата над Бетис од 2-0. Двата гола за „белите“ ги постигна Килијан Мбапе.
„Имаме желба, мотив и ентузијазам да продолжиме да се подобруваме. Игравме силно, бевме компактни цело време. Паузата за репрезентациите ќе ја дочекаме расположени“, изјави Анчелоти.
„Дали тензијата падна од Мбапе? Прашајте го. Никогаш не го притискавме поради недостигот на голови. Винисиус го пушти Килијан да го изведе пеналот бидејќи му беше важно да постигне гол. Сепак, тимската работа ја цениме пред се, а денеска беше на повисоко ниво од претходните натпревари. Вини делуваше алтруистички, тој и Мбапе имаат одлични односи“, изјави тренерот на кралскиот клуб.
„Не ги сакам прекините за репрезентативни мечеви. Ќе загубиме многу играчи, но се надевам дека никој од нив нема да се повреди“, објасни Анчелоти.