Карло Анчелоти (65) е на удар на критиките на навивачите на Реал Мадрид по поразот од Барселона со 5-2 во Суперкупот на Шпанија. Тој е еден од најтрофејните тренери во историјата, а со Реал Мадрид освои 15 трофеи. Најзначајни се двете титули во шпанскиот шампионат и титулата победник на купот, а круна на неговата работа во клубот се трите Лиги на шампиони. Под водство на Анчелоти, Реал е актуелен шампион на Шпанија и Европа.
Неодамна имаше гласини за негово заминување, но на денешната прес-конференција во пресрет на утрешниот натпревар против Салцбург во рамките на седмото коло од Лигата на шампионите, тој рече: „Ќе бидам многу јасен. Не зависи од мене кога ќе заминам од Реал Мадрид. Се надевам дека ќе останам уште четири години, исто како и претседателот Флорентино Перез, кој штотуку беше реизбран. Тоа би било одлично за мене“.
Реал Мадрид е на 20. место во Лигата на шампионите со три победи и три порази. Остануваат уште натпревари против Салцбург и Брест во кои мора да го потврдат пласманот во нокаут фазата, односно плеј-офот за осминафиналето. Се претпоставува дека Анчелоти би можел да добие отказ доколку Реал не се пласира барем во четвртфиналето на натпреварувањето. Тоа значи дека прво мора да ги победи Салцбург и Брест, а потоа да стигнат до осминафиналето и да изборат пласман понатаму.