Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти отворено проговори за кризата во која моментално се наоѓа кралскиот клуб.
Реал пред своите навивачи доживеа два исклучително тешки порази во низа. По дебаклот против Барселона во Ел Класико (0:4), следеше шок во Лигата на шампионите – загубија од Милан со резултат 1:3.
Мадриѓаните кои се под огромен притисок денеска од 14 часот играат против Осасуна во 13. коло од шпанската Примера.
Пред овој натпревар Анчелоти одржа прес-конференција на која призна дека неговиот тим е во исклучително лоша состојба.
„Ја анализиравме ситуацијата, проблемот е откриен. Мислиме дека најдовме решение, но само теоретски. Ќе видиме што ќе се случи и дали ќе го спроведеме во пракса. Зборовите ги носи ветерот, единственото што останува е играта што ја пружаме на теренот утре. Како што сум кажал многупати досега, убеден сум дека ќе успееме да ја покажеме најдобрата верзија од себе. Ќе видиме дали ќе го направиме тоа утре“, рече Анчелоти.
Една од главните теми беше Килијан Мбапе, кој се уште не ги оправда големите очекувања на навивачите и луѓето од клубот.
Французинот не се најде ниту на списокот на селекторот на Франција, Дидие Дашан за претстојните натпревари од Лигата на нации, што ја шокираше фудбалската јавност.
И Анчелоти беше изненаден од одлуката на францускиот тренер, но не сакаше да го каже своето мислење за тоа.
„Не разговарав со Мбапе за тоа, и нема ни да разговарам. Тоа беше одлука на Дешан, а јас немам право да донесам каква било пресуда, ниту пак некогаш би си дозволил. Килијан е во пад, во депресија како и целиот тим, но е мотивиран да биде подобар. Добро тренира, но оваа ситуација мора да ја гледа како шанса да биде подобар. Тој е паметен и мислам дека разбира. Тој исто така, но и Винисиус, Родриго, Белингем, па и јас. Ова е момент за сите нас да бидеме подобри. Не смееме да се предадеме. Ова е силна, мотивирана група, а ние сме најголемиот клуб во светот. Мораме да најдеме излез од оваа тешка ситуација“, изјави тренерот на Реал.