Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти имаше измешани чувства по победата од 5-2 над Селта во Купот на кралот. „Белиот балет“ за малку ќе загубеше добиен меч откако водеа со 2:0, но дозволија израмнување на крајот и мораше да се игра продолжение, па дури таму својата волја ја наметнаа домаќините на „Сантијаго Бернабеу“. Во еден момент од трибините се слушнале свирежи на играчите на „кралскиот клуб“, а според Анчелоти токму тие му помогнале на неговиот тим да се соберат и да ја извојуваат победата.
„Многу е едноставно, примивме два гола на крајот. Игравме добро 70 минути и требаше да ја запечатиме нашата победа. Сепак, во дополнителното време момците добро реагираа и ги решија работите, а се добро се заврши. Сето ова беше резултат на намалувањето на агресивноста на крајот од натпреварот, а тоа не треба да се случи. Работиме на отстранување на овие грешки и одржување на високо ниво до самиот крај“, рече Анчелоти.
„Свирежте од трибините беше како предупредувачко светло за нас. Односот на навивачите е разбирлив, особено по поразот од Барса. Кога Бернабеу почна да не исвиркува, тоа не разбуди. Кога навивачите ни помагаат, тоа е нешто посебно “, додаде Италијанецот.
Од него беше побарано да ја коментира и најконтроверзната ситуација на натпреварот, кога не беше досуден пенал за Селта непосредно пред голот на Килијан Мбапе.
„Не видов што се случи, не знам што да кажам. Мислам дека судиите разговараа за ситуацијата и донесоа одлука. Можеби имаше пенал, не знам, не ја видов ситуацијата. Судиите одлучија што да досудат“, рече стручњакот.