Андонов: АД ЕСМ ги нема доставено до Владата пресметките за електрична енергија за следната година

од Stefanija Kuzmanovska
336 прегледи

Владата во следниот период на затворена седница ќе одлучува за цената на електрична енергија произведена од АД ЕСМ која е само една компонента што влегува во крајната цена на струјата што ќе ја плаќаат граѓаните следната година.

Советникот за енергетика во Владата, Виктор Андонов денеска на прес-конференција рече дека според информациите со кои располага, АД ЕСМ сеуште ги нема доставено пресметките за следната година.

– Во периодот што следува ќе се носат важни одлуки за цената на електричната енергија. Конечната цена ја носи Регулаторната комисија за енергетика, а Владата одлучува за цената на електричната енергија произведена од ЕСМ, која е само една компонента во крајната цена. Владата ќе ги разгледува сите податоци, анализи и проекции на затворена седница откако истите ќе бидат доставени од ЕСМ, рече Андонов на прес-конференцијата во Владата.

Посочи дека електроенергетскиот систем во земјава е стабилен и функционален и дека од домашно производство целосно се задоволени потребите на граѓаните и на малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар.

Изминатото деноноќие произведени се 13.089 MWh електрична енергија од кои 11.011 MWh електрична енергија од термоелектраните и 2.078 MWh електрична енергија од обновливи извори. Направена е и набавка од 2.210 MWh електрична енергија за потребите на болниците, училиштата градинките, јавните комунални претпријатија и капацитетите од прехранбената индустрија.

Во моментот работат двата блока на РЕК Битола, РЕК Осломеј, едниот блок во ТЕЦ Неготино и големите хидроелектрани.

На повикот за користење на електрична енергија по субвенционира цена за училиштата, градинките и компаниите од прехранбената индустрија досега пријавени се над 500 субјекти. Во однос на образложенијата од некои училишта и општини дека се работи за комплицирани процедури, Андонов посочи дека субјектите што аплицирале ги пополниле документите за пет минути и ги повика сите оние што не аплицирале да се обратат до Владата или до АД ЕСМ доколку им е потребна помош при аплицирањето.

– Има некои одговори од градоначалниците или од самите општини дека станува збор за комплицирани процедури и дека не можеле да ги обезбедат потребните документи и да ги пополнат бараните информации. Меѓутоа, се надевам дека тоа не е одговорот којшто треба да го достават имајќи во предвид дека во моментот училиштата плаќаат цена на струја и таа се плаќа од граѓаните и токму најзасегнати се граѓаните кои живеат во тие општини. Наместо тие да ги добиваат поквалитетните услуги, наместо да се инвестира за некоја услуга на граѓаните, тие одат на поскапа струја со изговор дека не можеле да ги обезбедат бараните документи. Додека сета останата индустрија или сите други компании кои веќе користат, кажуваат дека ги пополнивме документите за пет минути, подвлече Андонов.

Слични содржини