Андонов за Законот за полиција: Утре на најобичен полицаец можете да му кажете дека од денеска ќе биде началник на СВР Скопје

Јас би одел поригорозно - секој што некогаш бил осуден за сторено кривично дело, не може да работи во полиција - вели проф. Андонов за „Локално“ за новите законски измени

од Nikola Popovski
1,4K прегледи

Во полицијата секогаш ќе има отпор кон промени, особено кон тие кои се чудни, а овде имаме многу чудни од организациско-информациската структура на одделите во рамки на МВР и БЈБ, па се до поедини законски решенија кои се косат со Кривичниот законик и кариерното напредување, вели во разговор за „Локално“, екс-министерот за внатрешни работи и професор на катедрата по безбедност на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“, Оливер Андонов за вчера изгласаните Закон за внатрешни работи и измените на Законот за полиција во Собранието.

Според соговорникот, едно е тоа дали ќе му се допаѓа некому организациската структура во однос на осовременување на развојот на МВР, второ е како ќе се движат платите кои посебно ги интересираат вработените, кое не е објаснето и не е регулирано, а најмногу од се кариерната работа. Андонов е дециден дека не може началник на СВР да не биде во систем на кариера.

-Тоа ли е политичко место? Реално вие имате три политички места во МВР – министерот, заменикот и државниот секретар. Дури ниту директорот на БЈБ не е политичко место туку треба да биде стручен во работата и да има некакво искуство во работа на полицијата односно безбедносните служби. Вие го спуштате тоа ниво до ниво во кое началници на сектори каде што јас утре можам да дојдам и на вас како новинар да ви кажам дека ќе бидете началник на СВР Скопје. До таму е дојдена работата. Утре на најобичен полицаец можете да му кажете дека од денеска ќе бидеш началник на СВР Скопје. Прво, тој човек нема кариерен раст, но во исто време тоа не го штити него. Ако таму поединци се радуваат на приказната и викаат јас брзо ќе бидам началник… Не не, тебе ништо не те штити. Утре од таа позиција началник ти нема да се поместиш хоризонтално во МВР како некој генерален секретар или секретар и достоинствено да бидеш заштитен во кариерата, вели соговорникот во разговорот.

Според професорот, не може вие да бидете директор или началник на СВР и „од утре да бидете сместени да бидете помлад инспектор во полициска станица, каде што полицајците, да простите, за задник ќе ве фаќаат“.

-Тоа се десет степени нагоре или недолу. Тоа ги руши сигурностите на кариерно напредување и тоа ќе ја сруши состојбата во која вработените во МВР ќе бидат мотивирани да работат во својата област и да се градат за д аима шанса да достигне кариерен развој, дали во хоризонтала или вертикала. Сите ќе бидат свесни дека тоа ќе оди по политичка линија. Ќе доведе несигурност кај вработените, потенцира Андонов.

Екс-министерот критикува што немаше јавна дебата за двата закони и смета дека заслужуваа поголема отворена расправа.

По излегувањето на МВР со демантот на пишувањата на дел од медиумите дека „полицајци кои ќе извршат кривично дело нема да бидат бркани од работа“, Андонов оценува дека министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски мислел тоа да го направи, но, сепак, нема да го стори.

-Пуштено е како пилот да се види ако помине во јавноста. Дај боже да си опстои на тврдењата бидејќи спротивното се коси со Кривичниот законик каде што стои дека лицата кои треба да го спроведуваат законот, а направат кривично дело, посебно додека се во служба, за нив се и потешки казните. Вие сега сакате да доведете состојба во која не е важно дали ќе направи кривично дело и вие нема да го бркате. По правило секој полицаец кој ќе направи кривично дело, треба да биде избркан од работа, а додека се докажува делото, да биде суспендиран. Така ја обесхрабрувате корупцијата и криминалното однесување на вработените во МВР. Јас би одел и построго и поригорозно – секој што некогаш бил осуден за сторено кривично дело, не може да работи во полиција. Кој гарантира дека таков повторно нема да повтори кривично дело? Прекршоците се друга работа, констатира Андонов.

Според екс-министерот за внатрешни работи и актуелен пратеник од СДСМ, Оливер Спасовски, факт е дека измените се направени заради партиски потреби и притоа, како што вели, освен политичка корист, не се добива ништо за подобрување на функционалноста ниту пак за правата на вработените. Тој во разговор за „Локално“ истакна, меѓу другото, дека сето ова е показател дека партизацијата и депрофесионализацијата се основните принципи за носење на законите.

Спасовски: Носењето на Законите за полиција и внатрешни работи укажува на едно време кога полицијата и нејзините ресурси беа целосно во функција на партијата

Н.П.