Андоновски: Ќе воведеме јасни критериуми за професионално новинарство во дигиталниот простор

од Даниел Ѓорѓиевски
12 прегледи

Со измените на Законот за медиуми, кои наскоро ќе се најдат пред пратениците, ќе се воведат нови критериуми за професионално работење на онлајн медиумите. Ова го најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во интервју за „Тема на денот“ на ТВ Сител.

„Медиумите што ќе имаат импресум, назначен уредник, најмалку тројца вработени и ќе се регистрираат во АВМУ ќе добијат статус на препознаени медиуми. Ова е барање од ЕУ, но и наша намера да воспоставиме јасна граница за тоа кој ги информира граѓаните, а кој работи аматерски или со злоупотреба на информациите“, изјави Андоновски.

Тој додаде дека нема да има пречки за оние што нема да се регистрираат, но дека новите критериуми ќе помогнат за подобра идентификација на релевантните медиуми, особено на меѓународно ниво.

Министерот најави дека до јуни ќе биде изработена Националната ИКТ стратегија, базирана на четири клучни области – инфраструктура, дигитална трансформација, нови технологии и дигитални вештини. Министерот ја најави соработката со Агенцијата за катастар, овозможувајќи издавање на имотни листови и други документи преку порталот uslugi.gov.mk. Со измените на Законот за електронски документи, од 1 јануари сите документи преземени од порталот ќе имаат истата важност како традиционалните документи со синиот печат.

Слични содржини