Андоновски: Политикантски и потценувачки е тонот и начинот на кој Груби лицитира со бројките на пратеници

од Берта Китинска
340 прегледи

Политикантски и потценувачки е тонот и начинот на кој се лицитира со бројките на пратеници кои би го поддржале нивниот личен проект на уставни промени. Доколку Груби и Ковачевски го имаат обезбедено мнозинството, нека ја прифатат нашата понуда, и уште утре нека ги поднесат амандманите на Уставот и ќе видиме дали ја имаат поддршката на пратениците, вели во разговор за „Локално“, пратеникот Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот Артан Груби кој смета дека се развива „проевропско крило кај опозицијата подготвено за уставни измени“.

Андоновски смета дека доколку владата го нема потребното мнозинство за уставните измени не треба „напразно да создава немир кај граѓаните“, додавајќи дека владата треба да си поднесе оставка и да се оди на предвремени избори.

-ВМРО-ДПМНЕ има јасен став уште кога прв пат се спомена договарањето со Бугарија. Било какви чекори од страна на Македонија, мора да биде врз база на реципроцитет. Факт е дека Македонија е регионален и европски лидер во гарантирање и заштита на човековите права на сите малцинства. Исто така е факт дека Бугарија не почитува ни најосновни човекови права на своите граѓани кои не се чувствуваат како Бугари.Така што кога ќе видиме дека нашите колеги од Бугарија се подготвувени да ги почитуваат правата на Македонците во Бугарија за политичко и граѓанско организирање, и ќе добиеме гаранции дека македонскиот идентитет нема да биде паричка за поткусурување во преговорите со Европската Унија, ќе можеме да дискутираме за дополнителна заштита на македонските граѓани кои се чувствуваат како Бугари, појаснува пратеникот од опозицијата.

Во врска со изјавата на бугарскиот амбасадор во Вашингтон, Георги Панајотов дека „историјата ќе биде услов за влез на Северна Македонија во ЕУ“,Андоновски потенцира дека на нашата земја и било ветено дека ќе ги започне преговорите со ЕУ, само ако се потпише новиот протокол.

-Многу ќе се радував ако тие преговори беа за подобрување на иновациите, дигитализацијата, заштита на инвестициите, владеење на правото. Но, како што зборувавме и во јули за време на протестите, овие преговори ќе бидат за македонската историја и идентитетот, но не и за иднината. Предупредивме дека со ваков штетен договор со Бугарија, им даваме алатка на бугарските политичари, историјата да ја направат услов за влез на Македонија во ЕУ. Едноставно, прифативме бугарски “подарок” со француска украсна фолија. Се додека треба да го размениме Самоил за Европа, ние не ни размислуваме за поддршка на овој процес, вели тој.

Б.М.

Слични содржини