Андреески за изградбата на нафтовод од Србија кон С.Македонија: Конечно има интерес да станеме транзитна земја низ која ќе поминуваат значајни европски енергетски коородори

од Берта Китинска

Србија ќе започне со изградба на 128 километри нафтовод Нови Сад – Унгарија, кој според планот ќе минува низ Северна Македонија до пристаништето Драч.

Енергетски консултант и поранешен советник за енергетика во Владата на РСМ во однос на стабилизацијата на цените на енергенсите, Митко Андреевски во разговор за „Локално“ потенцира дека овој проект за нас е од огромен интерес.

-Република Македонија има нафтовод Солун-Скопје од 2000 година изграден и пуштен во експлоатација. За жал од 2013 година со затворањето на рафинерија Окта истиот -нафтовод не се користи. Инвеститерот и доминантен сопственик ( 80% Хеленик Петролеум) сака да го стави во функција овој значаен инфраструктурен објект во Републиката но како продуктовод за готови деривати. Изјавата на министерката Михајловиќ е во насока на посакуван проект, но сеуште далеку од иден проект. Ние како држава треба да имаме проактивен однос кон овој регионален проект, како и кон редица на други регионални енергетски проекти, смета тој.

Андреевски вели дека гасоводното поврзување на Србија за нас е од огромен интерес, испраќајки апел до владата дека за „овие проекти треба да се движат со европска бирократска брзина“, бидејќи како што вели тој во спротивно „нашата земја ќе биде заобиколена“.

-Конечно има интерес да станеме транзитна земја низ која ќе поминуваат значајни европски енергетски коородори, а не како досега ( слепо црево) крак од гасовод со 100% зависност од Гаспром. Денес кога Европските коридори се под атак на саботажи и диверзии, кога војната е на европско тло, кога енергетиката е ставена како главно оружје, кога имате поголем ризик да немате отколку да имате енергија, оваа изјава треба итно да се приземји прифати и аплицира за нејзино што поскоро остварување, подвлекува енергетски консултант. За крај, мој апел до естаблишментот во македонската влада: Овие проекти треба да се движат со европска бирократска брзина, во спротивно Македонија ќе биде заобиколена. За жал времето е фактор, и тоа најбитен!, вели Андреевски.

Нафтовод низ Северна Македонија до пристаништето Драч

Србија ќе започне со изградба на 128 километри нафтовод Нови Сад – Унгарија. Нафтоводот би можел да чини и до 100 милиони евра.

– Идејата е да се изгради нафтовод низ Северна Македонија до пристаништето Драч, со цел да се вмрежи нашата земја со нафтовод. Може да чини и до 100 милиони евра, изјави претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Имаме доволно нафта за 75 дена ако некој го прекине снабдувањето со нафта и 59 дена за бензин, откри тој.

– Работиме на нови складишта за нафта. Има две понуди. Еден е британскиот предлог, но бараат посебни услови за арбитражи и понуда на конзорциум на наши производители на нафта – рече тој,пренесуваат српските медиуми.

Потпретседателката на Владата на Србија и министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ изјави дека изградбата на нафтовод до Унгарија и до Албанија и Грција, преку Северна Македонија, ќе значи дека Србија станува транзитна рута.

-Го имаме Јанаф, добиваме нафта преку тој гасовод, но важно е да размислуваме стратешки. Нафтовод од Панчево до Ниш, Скопје и два крака – до Солун и Драч, а од друга страна, изградба на нафтовод од Панчево до Унгарија, би значело дека Србија станува транзитна рута. Станува збор за инвестиции од 500 до 700 милиони евра, но тоа е вообичаено за вакви големи проекти кои се значајни не само за Србија и регионот, туку и за поширокиот регион, рече Михајловиќ.

Таа додаде дека кога станува збор за Турски тек преку кој Србија добива гас, важно е државата да реагира, доколку има некакви најави, сите надлежни институции кои се занимаваат со него да се погрижат тоа што минува низ Србија да биде заштитено.

-Ние сме подготвени колку што можеме, имаме полн магацин во Банатски двор, имаме половина милијарда кубни метри во Унгарија и испорака преку Балкански тек. Доколку се случи гасот да не стигне до нас, било да се работи за саботажа или дефект, во тој момент се активираат кризни планови и започнува замена на мазутот. Имаме доволно енергија за сите топлани, рече Михајловиќ.

Б.М.

Слични содржини