Интервју со Андреевски: Бугарската такса за рускиот гас е преседан без компаративна паралела во пошироката пракса

од Radmila Tasevska

Во исчекување на разврска на ситуацијата со данокот за рускиот гас, познавачите на состојбите излегоа со генерално позитивни проекции. Категоричен дека ваквата одлука на Бугарија е апсурдна и нема паралела со слични примери во пошироката пракса, поранешниот советник за енергетика и гасификација и сопственик на компанијата „Гама Гас Трејд“ Митко Андреевски во наредните денови очекува добри вести и тоа како во однос на барањето да се ослободат закупените капацитети за гас, така и во врска со инсистирањето за суспендирање на таксата. „Второстепено е дали ќе добиеме „отштета“, односно примарен фокус треба да биде ослободување на капацитетот и либерализација. Апсурдно е да воведете такса од 20 лева/10 /мвтч, а притоа да ограничите капацитет и тоа да остане во раце само на снабдувачи со руски гас“, вели Андреевски за „Локално“. Коментирајќи ги досегашните резултати на секоја власт во однос на снабдувањето со гас, посочува дека – во изминатите 2 години има значаен напредок. Во оваа насока ја издвојува изградбата на новиот гасовод со Грција кој според него ќе обезбеди поволна цена на гасот. „Таа ќе биде поконкурентна од денешнава цена, и ќе нема такси како последнава која ја воведува Бугарија. Опцијата за вертикален гасовод југ-север е идеална за нас. По коридорот 10 ние стануваме гасен коридор на природен гас“, вели Андреевски. Како аргумент го посочува фактот дека Србија веќе го усвои урбанистичкиот план за поврзување со гасовод кон Македонија, со што како што вели, сигурноста при снабдувањето ќе биде загарантирана.

Нашата држава најави поведување правна постапка доколку Бугарија не ги ослободи закупените капацитети за гас и воведе такса од 10 евра за мегават час руски гас што транзитира низ бугарскиот гасовод. Дали и колку ова предупредување и евентуално барање за оштета, воопшто може да вроди со плод?

Изјавата на министерот Бектеши за ослободување на капацитети (кои не се користат а се закупени) на точката помеѓу двата национални оператори ја поздравувам и верувам дека ќе вродат резултат. Во новите ЕУ правила невозможно е да имате искористеност на гасоводот од 40% а да го држите закупен 100% и да не дозволувате алтернативни снабдувачи да достават количини на гас кои ќе бидат со поконкурентни цени и продукти. Второстепено е дали ќе добиеме „отштета“, односно примарен фокус треба да биде ослободување на капацитетот и либерализација. Апсурдно е да воведете такса од 20 лева/10 /мвтч а притоа да ограничите капацитет и тоа да остане во раце само на снабдувачи со руски гас. Очекувам позитивни вести во наредните денови и по двете точки од вашето прашање, т.е да се ослободи транспарентно капацитет и /или да се суспендира таксата.

Може ли да се пронајде паралела со слични ситуации во пошироката пракса?

Не, со ваков апсурд нема компаративна паралела.

Се бара ослободување на капацитетите за да се овозможи снабдување и од други извори-како Азербејџан и терминалите од Грција. Што значи ова во пракса и генерално, колку е остварливо?

Со ослободување на капацитетот ќе се створат предуслови за слободна трговија со природен гас од повеќе различни добавувачи, а со самото тоа и обезбедување на сигурност во снабдувањето со конкурентни цени. Остварливо е‘ и очекувано да се случи, порано или подоцна тоа ќе се случи.

Какви се вашите очекувања, дали новата давачка ќе го поскапи гасот и за колку?

Прво треба да го видиме резултатот од правните препукувања во Р. Бугарија. Во четвртокот /26/10/23 е покрената постапка пред уставниот суд. Моите очекување се дека нема да има покачување на цената како последица на таксата. Во регионот ситуацијата е видно изменета по 24/2/22. Имено, сведоци сме дека снабдувањето со гас се повеќе се диверзификација од различни добавувачи.

Какви последици тоа ќе предизвика врз цената на парно греењето, на цената на електричната енергија? Дали стопанството ќе стане заложник на новиот проблем со снабдувањето со гас?

Да се потсетиме дека минатата година имавме зголемување на цената на природниот гас како последица на Украинско Руската војна во цела Европа за 10 пати. Ако го споредиме тоа со денешни цени кои се 10-тина пати пониски не очекувам драматично поскапување. Очекувам дека како лани и оваа година Владата/ЕСМ и РКЕ па и ЕУ (додели неповратни 80 мил ) ќе најдат начин како да го заштитат стопанството и домаќинствата.

Како се најдовме во ваква ситуација, и зошто Македонија е меѓу земјите во кои прашањето за снабдување со гас е само декларативно во агендата на секоја власт?

Па по изјавите на Бектеши и Азевски не би се согласил дека е ова декларативно, напротив се активни по ова прашање. Гасификацијата е долг процес и решавањето на ГАМА, изградбата на примарната гасоводна мрежа и поврзувањето со Грција е процес кој забрзано се случува во изминативе 2 години. Има значаен напредок во однос на изминатите децении во кој немаше никакво поместување.

Изградбата на новиот гасовод со Грција треба наскоро да почне. Процесот од почетокот беше следен со дилеми во однос на неколку кратната повисока цена која на овој начин ќе ја плаќаме. Дали е ова опцијата која ни е единствено на располагање?

Не се согласувам дека цената е неколкукратно повисока … напротив мислам дека таа ќе биде поконкурентна од денешнава цена, и ќе нема такси како последнава која ја воведува Бугарија. Опцијата за вертикален гасовод југ-север е идеална за нас. По коридорот 10 ние стануваме гасен коридор на природен гас. Да потсетам дека Р. Србија веќе го усвои урбанистичкиот план за поврзување со гасовод кон Македонија. Сигурноста при снабдувањето ќе биде загарантирана!

 

К.В.С

Слични содржини