Андријана Станковска можеби е една од многуте мејкап-артисти во Македонија, кои се талентирани за шминкање, но дефинитивно е една од ретките кои од своите талент и креативност умеат да создадат вистинска уметност.
Во краткото интервју за Локално.мк, Андријана ни открива што е најважно што треба еден мејкап-артист да го поседува, како успева да ги следи трендовите, но и притоа да ги адаптира на својот препознатлив стил, поради кој е и толку популарна.
Причина плус поради која ние обожаваме да ја следиме нејзината работа се и неверојатните трансформации кои ги прави, а ги објавува на својот профил на Инстаграм, BeautyAnica.
За последната трансформација, во познатиот лик Маска, Андријана ни откри дека долго време ја подготвувала, речиси две години, додека да ја доведе буквално до совршенство.
Резултатот може да се види на ова видео:
Во продолжение, Андријана ни откри и сосема мали тајни на овој т.н. креативен занает, но и на што треба секоја девојка да внимава кога самата се шминка во домашни услови.
Локално: Како успеваш да ги следиш сите тековни бјути-трендови во светот? Дали клиентите доаѓаат со „невозможни“ желби или со целосна доверба оставаат на тебе?
Не секогаш следам што е во тренд за да ги нашминкам клиентите. Ако сметам дека нема да им одговара на лицето, возраста, обликот на очи и слично, не применувам. Се трудам да користам техники, бои, кои соодветно одговараат на физиономијата и тенот на клиентите.
Најчесто имаат доверба и оставаат на мене. Тогаш имам слобода на креирање и сум пресреќна што ми веруваат.
Истото важи и за моите креации. Има трендови што не ми се допаѓаат и немам желба да ги следам. Секако постојат и такви што сметам дека се интересни но секогаш се трудам да додадам или сменам нешто, да биде покреативно и различно.
Локално: Кој е најважниот квалитет кој (треба да) го поседува секој мејкап артист, според тебе?
Дефинитивно креативноста. Секоја техника може да се научи за одредено време. Но, креативноста е нешто што те тера да напредуваш, да испробуваш нови работи, да импровизираш, да учиш…
Мислам дека за да бидеш успешен или да се издвоиш од другите треба да бидеш уникатен, со свои идеи. Нашата професија ни овозможува да креираме. Имаме безброј опции и начини да го постигнеме тоа. Да креираме нешто по кое ќе бидеме препознатливи. Ни треба само имагинација, креативност и храброст да се изразиме со својот талент. А среќата што доаѓа после ново создадено дело е непроценлива.
Локално: Кои се неизбежните чекори во шминкањето кои секоја девојка треба да ги испочитува кога се шминка сама?
Јас мислам дека секоја девојка прво треба да знае каква шминка и одговара според нејзиниот облик на лице, тен, облик и боја на очи. Потоа може да научи техники за истите.
Во меѓувреме, ве потсетуваме на дел од нејзините уникатни трансформации и тоа:
Мона Лиза
Зомби
Катица Јанева
Никола Груевски
Шелдон од The Big Bang Theory
Јелена Карлеуша
Како и една од најневеројатните досега, уметничка слика
Подготви: Е.Д.