Ангелковиќ за „Локално“: Секој премиер на Србија откако Вучиќ стана претседател е негова обична марионета

Вучиќ ќе понуди нешто за кое ќе тврди дека е решение, а тоа ќе бидат парламентарни избори под нешто пофер услови, вели српскиот аналитичар

од Nikola Popovski
145 прегледи

Рокот за избор на нова српска влада истекува на 18 април. Познато е името, при што мандатарот Ѓуро Мацут не е член на ниту една партија (како што објавуваат дел од српските медиуми) што значи дека Србија по осум години ќе добие непартиски премиер. Се чини дека во последните неколку свикувања има се повеќе министри кои не припаѓаат на ниту една партија, иако ова не е првпат експерт од одредена област да се најде на чело на тамошната Влада. Речиси 35 години од првите повеќепартиски избори во Србија, по 18 влади и стотици луѓе на чело на ресорите, многу имиња не се поврзуваат со ниту една партија. До почетокот на 21 век беше речиси невозможно да се извршува функција без партиска книшка, но некои бизнисмени и новинари успеаја да го направат тоа.

Дали името на Мацут е изненадување? 

За дел од српската јавност, претседателот Александар Вучиќ е она што во политичката теорија се нарекува „спин диктатор“ или диктатор на измамата. Според политичкиот аналитичар, Драгомир Анѓелковиќ, тој ја узурпира сета власт во Србија и владее автократски, само што тоа го прави првенствено врз основа на корупција, најлоша можна пропаганда и умерена репресија, а не масовен терор. Во такви околности, како што вели во разговор за „Локално“, јасно е дека секој премиер на Србија откако Вучиќ стана претседател е негова обична марионета.

-Во овој поглед, ништо не се промени во контекст на неговата одлука да го назначи Мацут за нов мандатар. Тој ќе биде обичен извршител на наредбите на Вучиќ, што е јасно видливо. Доколку претседателот на Србија би избрал непартиска личност со јавни овластувања за мандатар, барем манипулативно би испратил порака дека сака нешто да промени и дека е подготвен на компромис со своите противници. Така, со изборот на човек за кој никој освен неговите пациенти не слушнал, а е дел од движењето на Вучиќ, што значи дека тој во суштина не е непартиски експерт – на голем дел од српските граѓани им се пика прст во око, оценува Анѓелковиќ.

Очигледно, додава соговорникот, Вучиќ не одлучи да се обиде да ги смири тензиите, туку да преземе агресивен пристап за кој се надева дека, ако не го потисне зголеменото незадоволство на српскиот народ, тогаш барем ќе ја подигне „преговарачката позиција на режимот, според принципот на цик-цак маневрирање“.

-Сега на голем дел од населението на нашата земја му вели: Не ми е гајле што сакате, можам да продолжам како порано. Потоа, во следниот чекор Вучиќ ќе понуди нешто за што ќе тврди дека е решение, а тоа ќе бидат парламентарни избори под нешто пофер услови. Тоа го поткрепуваат и зборовите на еврокомесарката за проширување Марта Кос, која рече дека српскиот претседател ветил дека за многу краток временски период (месец или два) ќе бидат донесени новите закони во областа на медиумите и изборното законодавство. За да не се појави како губитник пред одредени отстапки што ги бара Брисел, Вучиќ сега привремено демонстрира сила, тврди Анѓелковиќ.

Запрашан дали Мацут бил финансиран од УСАИД, како што обвинија од партијата Двери, аналитичарот истакнува дека е сосема неважно. Тврди дека Вучиќ несомнено со години е тесно поврзан со оние кои ги инспирираат политиките со кои е поврзан УСАИД.

-Доволно е да се потсетиме на блиските врски на Вучиќ со семејството Сорос, на фактот дека во 2016 година, како гостин на конвенцијата на Бил Клинтон, отворено ја поддржуваше сопругата Хилари, која тогаш беше противкандидатка на Доналд Трамп, и дека до последен момент во 2024 година играше за Камала Харис. Второ, за да се премине на лицемерие, потенцијалните врски на Мацут со УСАИД не кажуваат ништо ново за актуелниот српски режим. Веќе е докажано дека долгогодишната премиерка на Србија и актуелна претседателка на Собранието е „кадар“ на таа американска агенција, но и дека Вучиќ долго време одржува односи со УСАИД и се фалел со нив, додава Анѓелковиќ.

Потенцира дека сето ова е доволно за да се заклучи колку е патетично и лицемерно што српската влада сега фрла камења по УСАИД, кој беше отфрлен од Белата куќа, а до пред неодамна се поклонуваше и имаше корист.

-Мацут, како политички ирелевантна личност, не може ниту да ги влоши „гревовите“ на Вучиќ ако бил финансиран од УСАИД, ниту да го подобри неговиот имиџ ако тоа не е вистина. Премногу е маргиналец, заклучува соговорникот од Србија.

Претседателот на Србија претходно одржа консултации со парламентарните партии за мандатот за состав на новата влада, кои почнаа на 2 април. Парламентарната опозиција претходно најави дека нема да учествува на тие консултации. Тие предложија формирање на преодна влада, што владините претставници го отфрлаат.

Владата на Србија е во технички мандат од 19 март, кога пратениците во Собранието ја верификуваа оставката на Милош Вучевиќ од премиерската функција, со што започна рокот од 30 дена за избор на нова влада.

Вучевиќ поднесе оставка месец и половина претходно, откако активисти на Српската напредна партија претепаа група студенти кои ја блокираа работата на Факултетот во Нови Сад.

Падот на Владата на Србија предводена од Вучевиќ се случи во екот на антирежимските протести предводени од студенти кои блокираа десетици факултети низ Србија од крајот на ноември 2024 година.

Во фокусот на нивните барања, кои ги поставија пред институциите на Србија, е утврдување на правна и политичка одговорност за смртта на 16 лица во падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември минатата година.

Н.П.

Слични содржини