Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов денеска на прес-конференција ќе информира за барањето поднесено до МВР за целосно расветлување на случајот со нападот на мечка врз 76-годишно лице од с.Пласница, во Општина Пласница. Се посочува дека откако ќе бидат утврдени и потврдени сите околности на настанот и собрани информации за опасната мечка, до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за екологија и просторно планирање, ќе биде поднесено барање за процена на исполнетост на условите за отстрел на опасната мечка којашто претставува ризик за животот и здравјето на жителите на овој регион.
Ангелов ќе информира и за средбите со градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше и жители на засегнатите села, Ростуше, Требиште и Жировница како и за барањето до МВР за асистенција на Националниот Парк „Маврово“ и Општината Маврово и Ростуше во организирање на превентивна хајка со маневарска муниција (без проектил, зрно, пука но не убива) заради оддалечување на мечките од населените места.
Ангелов ги повикува невладините организации за заштита на животните со свои претставници да се вклучат во работата на координативното тело кое ќе се формира за надминување на опасностите од кафеавите мечки на територијата на државата.