Ангелов: Треба да работиме на популаризација на бројот 112

од Stefanija Kuzmanovska

Бројот 112 како број за итни случаи при соочување со опасност го препознаваат 17,3 отсто од испитаниците. Најголем дел од испитаниците или 58 отсто кога ќе наидат на опасност најпрво би се јавиле во полиција на 192, а 18,3 отсто не знаат каде треба да се јават. Ова на денешната прес-конференција го соопшти директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Тој ги презентираше резултатите од анкета спроведена за потребите на ЦУК, за мерење на свесноста и познавањето на граѓаните за единствениот европски број за итни случаи 112 и улогата на Центарот за управување со кризи. Анкетирањето е спроведено од 29 мај до 2 јуни 2023 година на репрезентативен примерок од 1.067 испитаници од страна на агенцијата „Маркет Висион“.

Ангелов информира дека на граѓаните им се добро познати броевите за итни случаи. Најголема свесност постои за бројот 192, односно за полиција или овој број го знаат 72,1 отсто од испитаниците. Најмала свесност постои за бројот 193 или 56,9 отсто од испитаниците знаат кој е бројот на противпожарната бригада.

На прашањето „Сте слушнале ли за бројот 112?“, 37,4 отсто од испитаниците се изјасниле дека го знаат бројот 112, а 62,6 отсто одговориле дека не го знаат овој број.

„Ова не наведува на зкалучокот дека треба да работиме на популаризација на бројот 112. Притоа упатуваме молба до сите медиуми, да го популаризираат бројот 112, на тој начин да им помогнат на граѓаните“, потенцира Ангелов.

Тој додаде дека во согласност со политиката на Владата и доколку се создадат услови ќе се обидат да издејствуваат и платена кампања со цел да се запознае јавноста преку медиумите.

Слични содржини