Ангеловска: БДП годинава ќе се намали за 3,4 проценти

од Берта Китинска
367 прегледи

Економската активност во државава ќе се намали за 3,4 проценти како последица на кризата со Ковид -19, а стапката на инфлација ќе има надолна ревизија и ќе изнесува 0,2 проценти. Официјалната проекција за забавувањето на економијата на Министерството за финансии што беше претставена денеска се базира на предвидувања за пад на извозната компонета од 16,8 проценти, на приватната потрошувачка за 3,3 проценти, а на бруто инвестициите за 9,6 проценти на реална основа. Позитивен придонес се очекува од јавната потрошувачка за која се проектира раст од 2,7 проценти, а увозот на стоки и услуги ќе забалежи пад од 15,8 проценти на реална основа.

Министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференција оцени дека засега работите се одвиваат подобро од очекувањата со попретпазливото сценарио на овој ресор за справување со кризата.

-Засега работите се одвиваат нешто подобро од проектираното сценарио од страна на Министерството за финансии, што се сметаше како поповоло што е добар знак. Секако, подготвени сме да одговориме и на најлошото сценарио, но треба да ја имаме предвид и непредвидливоста на ова криза што ја прави тешка за предвидување и проекции, па важно е да бидеме подготвени за секое сценарио во секој момент да одговориме со цел да ги амортизираме ударите врз економијата и да помогнеме и на приватниот сектор и на граѓаните да го поминат со што помалку последици, рече Ангеловска.

Реализацијата на Буџетот што ја претстави таа покажува дека во април годинава се остварени буџетски приходи од 14,2 милијарди денари, што претставува пад од 20 проценти споредено со април лани. Даночните приходи во април изнесуваат 7,2 милијарди денари и се намалени за 31 процент споредено со април лани, а се реализирани придонеси од 5,5 милијарди денари, на исто ниво со ланскиот период. Реализиацијата на другите буџетски приходи (неданочни, капитални и донации) изнесува околу 1,5 милијарди денари и кај нив има пад од 20 проценти на годишна основа.

-Основното сценарио на Министерството за финансии предвидува забавување на економската активност за -3,4 процент со тоа што ефектите од корона кризата врз економијата, се очекува да бидат најголеми во второто тримесечје, во третото се очекува забавување на контракцијата, додека во четвртото закрепнување на економијата и раст, рече Ангеловска.

Согласно проекциите за глобален раст, како и проекциите на нашите трговски партнери, надворешната побарувачка ќе паѓа. Тоа, појасни Ангеловска, ќе влијае на извозната компонента за која се проектира пад од 16,8 проценти на реална основа.

Како што укажа, здравствените мерки веќе делуваат и ќе делуваат на услужниот сектор, транспорт, угостителството, туризам, дејноста „уметност, забава и рекреација“, прометот на трајни добра, но и врз дел од индустриските капацитети и градежната дејност, пред се, во вториот квартал. Тоа ќе влијае врз потрошувачката и инвестициите, а сето тоа ќе се одрази и на побарувачката. Исто така, и падот на дознаките од странство и на странските директни инвестиции ќе влијаат кон дополнително надолно прилагодување на потрошувачката и инвестициите. Олеснителна околност, смета Ангеловска, ќе бидат антикризните мерки, кои ќе придонесат кон ублажување на последиците врз пазарот на работна сила и доходот на домаќинствата, а со тоа и врз нивната потрошувачка. Како резултат на сето ова, приватната потрошувачка се очекува да се намали за 3,3 проценти, а бруто-инвестициите за 9,6 проценти на реална основа.

-Јавната потрошувачка се очекува да има позитивен придонес врз економскиот раст, главно како резултат на зголемените расходи за здравствениот сектор, и се очекува да забележи раст од 2,7 проценти. Увозната побарувачка, во услови на очекуван пад на извозната активност, инвестициите во капитални/трајни добра, како од страна на деловните субјекти така и од домаќинствата, се предвидува да се намали, со што увозот на стоки и услуги е проектирано да забележи пад од 15,8 проценти на реална основа. Оттука, нето-извозната побарувачка, во услови на поголемо апсолутно намалување на увозот од извозот на стоки и услуги, делумно го неутрализира негативниот придонес на домашната побарувачка врз економската активност, рече министерката за финансии.

Како што укажа, со оглед на рестриктивните мерки за заштита на здравјето на граѓаните, запирањето на економските активности или отежнувањето на некои синџири на набавка падот на приходната страна е очекуван. – Сепак, во основното сценарио на Министерството за финансии, таканереченото поповолно сценарио проектираниот пад за април е повисок, односно 40 проценти на даночните приходи. – Ова значи дека имаме подобра наплата за 1,4 милијарди денари во однос на корона проекциите за април, односно нашето разработено сценарио може да се каже дека било поконзервативно или претпазливо, потенцираше Ангеловска.

Приходите по основ на ДДВ се остварени помалку за -43,5 проценти – што, според ресорната министерка, е и очекувано со оглед на рестриктивните мерки за заштита на здравјето на граѓаните кои беа во сила цел април. Персоналниот данок на доход забележа пад од -11,7 проценти, данокот на добивка забележа раст од 3,6 проценти, акцизите пад од 40 проценти, наплатата на царините е помала за 26 проценти. Најголемо натфрлање, информираше министерката, има кај данокот на добивка. Од вкупно наплатените приходи од данок на добивка во април кои изнесуваат 1,43 милијарди денари, 790 милиони денари се од уплатен данок на добивка по годишен биланс што, рече Ангеловска, е позитивен податок кој говори за успешните резултати на компаниите остварени минатата година.

-Од почетокот на годината заклучно со април наплатата на приходите во буџетот е за 4,9 проценти пониска во однос на истиот период лани. Наплатата на даночните приходи е за 9,1 процент пониска во однос на лани, што најмногу се должи на падот на наплатата на ДДВ за 14,6 проценти. Наплатата на придонесите има раст од 9,2 проценти во однос на минатата година, што е показател дека годината започна одлично со раст на вработеноста и платите. Во растот на платите значајна улога одигра и мерката за поддршка на приватниот сектор за покачување на платите која ја искористија над 22.000 компании и ги покачија платите на над 119.000 вработени, нагласи Ангеловска.

Вкупните приходи се реализирани во износ од 27 проценти согласно планот, додека вкупните расходи 30,4 проценти. Расходната страна е повисока за седум проценти од почетокот на годината заклучно со април, при што кај реализацијата на капитални расходи има раст од 21 проценти во однос на лани.

Придонесите во април не бележат пад, односно се остварени на ниво од минатата година. Во април вкупните расходи се реализирани на речиси исто ниво како минатата година односно со раст од 0,7 проценти. Тековните расходи се исто така на исто ниво со ланското. Кај стоките и услугите се забележува пад од 36,5 проценти споредено со април лани. Кај трансферите има зголемување за седум проценти главно поради социјалните трансфери, односно зголемувањето на пензиите годинава. Капиталните расходи во април се повисоки за 15,7 проценти во однос на истиот месец лани.

Стапката на инфлација во земјата во првиот квартал од 2020 година изнесува 0,6 проценти, што упатува на одредено надолно отстапување во однос на проекцијата. – Проекцијата за странската ефективна инфлација во 2020 година е ревидирана во надолна насока. Истовремено, ценовните движења на светските берзи, т.е. увезените цени се очекува да предизвикаат надолен притисок врз домашните цени. Имајќи го ова предвид, како и очекуваниот негативен производен јаз, стапката на инфлација во земјата за 2020 година е проектирана на – 0,2 проценти, наведе министерката.

Таа потенцираше дека поради непредвидливоста на кризата не се исклучени и понатамошни ревизии за макроекономските показатели. И многу поразвиени економии како САД, Германија….. како што рече, очекуваат забавување на економиите годинава, односно негативен економски резултат. Проекциите на Меѓународниот монетарен фонд за нив се 5,9 проценти и седум проценти, додека за цела Европска унија 7,1 процент. За македонската економија ММФ проектираше четири проценти на почетокот на април. На крајот на април, Светска банка за земјава проектираше забавување на економската активност помеѓу – 1,4 до – 3,2 проценти од БДП, односно од пооптимистично до понепосакувано сценарио. Анализата на Светска банка покажува дека рецесијата нема да одмине ниту една држава од Западен Балкан, додека Македонија ќе претрпи најмала штета споредбено со останатите од регионот.

Слични содржини