Ангеловска: Државната гаранција ќе им помогне на компаниите во посткризниот период

од Берта Китинска
343 прегледи

Целта на државната гаранција за стартап и мали претпријатија, како мерка од вториот столб, е да го олесни пристапот до финансиски средства на приватниот сектор со што компаниите би имале можност да го поделат ризикот односно државата да преземе дел од него.

Министерката за финансии Нина Ангеловска појасни тоа значи дека државна гаранција со покриеност од околу 50 проценти во Македонската развојна банка би требало да има почетен капитал од 10 милиони евра со коишто би се когарантирал износ од над 65 милиони евра.

Целта е компаните кои потешко би дошле до средства, до кредити што ќе им бидат потребни во периодот по коронакризата, државата да преземе дел од ризикот за тие полесно да може да дојдат до средствата потребни за зголемување на конкурентноста и за инвестиции за подобрување на ликвидноста.

Ваквата државна гаранција ја воспоставиле најголем дел од европските земји, а во овој посткризен период на заздравување на економиите веќе ја воспоставуваат и околните земји, како Србија и Албанија.

-Токму затоа во планот е предвидено таа да биде во септември-октомври, бидејќи во периодот кој ни претстои за неа треба да се направи анализа, да се проценат капацитетите, да се пристапи кон регулаторни промени. Бидејќи сегашниот наш Закон за јавен долг вели дека државата не гарантира на приватен сектор, а целта е оваа мерка да поомогне во посткризниот или периодот на закрепнување на приватниот сектор, рече министерката Ангеловска одговарајќи на прашање по прес-конференцијата посветена на третиот пакет економски мерки.

Во однос на поддршката на приватниот сектор, рече, во вториот столб се издвоени дополнителни 25 милиони евра со ребалансот на КОВИД-програмата на Владата и тие ќе бидат наменети за државната гаранција.

-Значи, таа се однесува и за мали и за средни компании, за сите компании на коишто ќе им бидат потребни средства за зголемување на конкуретноста, да ги обноват врските со пазарите коишто можеби ги изгубиле, рече Ангеловска, додавајќи дека е важно што преку овој пакет Владата покажала дека мисли на сите и има јасно определени цели да му помогне и на приватниот сектор.

Слични содржини