Граѓаните кои ќе можат да аплицираат за третиот сет мерки на Владата во справувањето со кризата која настана од Ковид-19 нема да мора да имаат нова трансакциска сметка, креирана специјално за картичката со средства, што ќе ја добијат. И оние граѓани кои имаат блокирани сметки ќе можат да ги користат овие средства. Картичката ќе биде врзана за име, презиме, банкарска сметка, а во тек се консултации со Македонската банкарска асоцијација за тоа каква ќе биде картичката, кој ќе ја издава. Намерата на Владата е секоја банка да може да ја издава картичката и пред се на наједноставен начин да се имплементира ова решение, чија главна цел е поттикнување на приватната потрошувачка на македонски производи и услуги, но во крајна смисла и поттикнување на бесготовиското плаќање и борба против сивата економија.
Ова вечерва во гостувањето во Топ тема на ТВ Телма го кажа министерката за финансии Нина Ангеловска, кога говореше за третиот сет економски мерки, но и за забелешките на опозицијата дека станува збор за предизборен поткуп, но и на синдикатите, дека со овие мерки не се води сметка за работниците.
Станува збор за пакет од 355 милиони евра, а Ангеловска рече дека третиот сет мерки се таргетирани за да им помогнат на граѓаните и стопанството, а воедно се и системски решенија за надминување на некои системски проблеми како сивата економија. Рече дека станува збор за над 300.000 лица кои ќе ги ползуваат овие бенефити и кои ќе придонесат кон безготовинско функционирање.
-Ако се види бројот на платежни картички кој е издаден во земјата, и колку се користат може да се заклучи дека недоволно се користат платежните картички. Како се случува сивата економија? – со плаќање во готово. Секоја земја веќе посегнува да се дигитализира, оди кон „кешлес“ општество и безготовинско општество и тоа е таа визија која е прикажана и низ овој пакет. Кога тие 300.000 граѓани ќњ добијат платежна картичка, средствата ќе се усмерат кон погодените сектори. Кога тие ќе почнат да плаќаат безготовински на одредени шифри на дејности, технологијата ни овозможува и идентификација средствата да завршат средствата кај што треба и кај правилниот човек и кај правилниот сектор и кај правилната индустрија и компанија, посочи Ангеловска.