Анѓушев за „Локално“: Изненаден сум од одлуката на САД

од Nikola Popovski
830 прегледи

Бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев е изненаден од одлуката на САД да го стават на нивната црна листа. Тој во куса изјава за „Локално“ истакна дека штотуку дознал за одлуката.

-Изненаден сум. Не знам што е ова. Сега ми јавија и мене пред 5 минути. Треба да видам. Не знам што да ви кажам. Многу сум изненаден. Немам што да додадам, рече Анѓушев.

Според објавеното на Стејт Департментот, Анѓушев се смета како генерално неподобен за влез во Америка, поради неговата вмешаност во значителна корупција.

-Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси. Денешната акција покажува дека САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери. Оваа ознака ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ, се вели во соопштението на Стејт Департментот.

САД на нивната црна листа ја ставија и сопругата на Анѓушев, Елизабета, и децата, Ангел и Огнен.

Анѓушев дипломирал на Машинскиот факултет во универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1992 во Скопје. Магистрирал во 1995, а во 1998 станал доктор на науки и редовен професор на факултетот. Во периодот 2000–2002 бил помошник на генералниот директор за производство и управување во Електростопанство на Македонија (ЕСМ).

Во 2003 ја основал фирмата „Фероинвест“ која добила концесија врз 21 хидроелектрана во Македонија, а истата година Анѓушев купил мнозинство од акциите во фабриката за жичени производи „Брако“. Подоцна тој го основал претставништвото на групацијата ЕФТ во Македонија, кое се занимава со трговија на електрична енергија. Анѓушев живее и работи во Скопје. Американското економско списание Форбс во 2014 го прогласило Анѓушев за еден од петте најбогати Македонци.

Анѓушев беше избран за Заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања на 1 јуни 2017. Како што изјави тој во 2019 година, една од причините за напуштањето на функцијата е тоа што неговите „најчесни намери да и помогне на државата не биле секогаш најдобро прифатени од граѓаните“.

-Кога прифатив да бидам дел од Владата моите намери беа најчесни, со знаењето што го имав стекнато, да и помогнам на државата. Но, за овој период приходите во моите компании опаднаа, а и профитите, некаде и до 50 отсто. Тоа е и заради моето отсуство. Ќе си го доработам мандатот, но бидејќи не сум член на ниедна партија, нема да продолжам со политиката, рече Анѓушев пред четири години.

Анѓушев им се придружи на Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, како и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев, кои веќе се наоѓаат на америкнаската црна листа. На неа од претходно се Орце Камчев, Рамиз Мерко, Никола Груевски и Сашо Мијалков.

Н.П.

Слични содржини