Анѓушев – Аранитаси: ЕБОР е значаен финансиски партнер на земјата, продолжуваме со реализација на заеднички проекти

од Vladimir Zorba
117 прегледи

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев оствари средба новоименуваниот директор на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој во Скопје, Анди Аранитаси, кој ќе ја преземе функцијата од досегашната директорка Анка Јоана Јонеску на 1 септември 2019 година.

Анѓушев му го честитал преземањето на функцијата на Аранитаси и порачал дека очекува воспоставената соработка помеѓу Северна Македонија и ЕБОР да продолжи да се одвива со воспоставената динамика, пред се за обезбедување на развојот на економијата и обезбедување на подобар живот за граѓаните.

На состанокот, соговорниците зборувале за тековните проекти кои се спроведуваат со заедничка соработка на Владата на Република Северна Македонија и ЕБОР, а кои се однесуваат на регионално патно и енергетско поврзување, проекти од енергетскиот сектор, како и проекти за поддршка на малите и средни претријатија во земјата.

Вицепремиерот ја потенцирал добрата соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Европската банка за обнова и развој, преку која во моментов на територијата на нашата земја, во различни фази, се одвиваат десетици проекти. Анѓушев додал дека поддршката од банката е значајна за реализација на енергетските проекти за подигнување на нивото на производство на електрична енергија од обновливи извори, стабилноста на електро енергетскиот систем, но и за изградба на екпресните патишта Крива Паланка-граница со Република Бугарија и Штип Радовиш, изградбата на железницата кон Република Бугарија и други проекти кои се изведуваат во соработка со банката.

Соговорниците се согласиле дека соработката ќе продолжи со интензивна динамика, во насока на унапредување на поврзанoста во земјата и со соседните земји, во поглед на патна, железничка и енергетска инфраструктура, како и за унапредување на условите за водење на бизнис и обезбедеување на финансиски средства, особено за микро, малите и средните претпријатија.