Анѓушев на средба со ММФ: Економијата расте, невработеноста опаѓа, а задолжувањето е стабилизирано

од Vladimir Zorba
116 прегледи

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев оствари средба со Џесмин Рахман, шеф на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд и Себастиан Соса, раководител на канцеларијата на ММФ за Република Северна Македонија, во рамки на годишната мисија на ММФ за спроведување на годишниот економски преглед.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека во првиот квартал на 2019 година забележан е силен раст на Бруто домашниот производ од 4,1%, како резултат на континуирани и комплементарни економски мерки со кои се стимулираат нови инвестиции, технолошки развој и внесување на иновации во компаниите, отворање на нови работни места и повисоки плати.

Вицепремиерот дополни дека растот на БДП во првиот квартал е резултат на реалната економија, растот на индустриското производство од 6,7%, растот на извозот на компаниите од 14,7%, отворените над 50.000 работни места во последните 2 години, од кои 16.700 само во првиот квартал на 2019 година, како и раст на платите од околу 6% на годишно ниво.

За време на состанокот од страна на вицепремиерот Анѓушев беа презентирани мерките од програмата за економски реформи 2019-2021, со кои дополнително ќе се подобри бизнис климата во земјата и ќе се стимулира повисок и одржлив економски раст на земјата.