Анѓушев во Анализа на 24 вести: Ќе бидат помогнати тие што се борат на пазарот!

од Vladimir Zorba
111 прегледи

Финансиска поддршка за домашните и странските компании и пакет мерките за малите и средни бизниси е новата сериозна инвестиција  за домашната економија зборува заменикот претседател на владата за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев  кој го образложи  овој Закон.

Суштината на овој закон е, тие што вработиле и што реално вработуваат и се борат на пазарот сега ќе бидат помогнати и тоа ќе доведе до економски раст.

„Сите мерки и целата програма е ставена на два дела, едно е законот каде што се третирани сите компании и се поддржувани успешните, а втората е програмата преку фондот за иновативност каде што е охрабрувањето за сите млади претприемачи кои имаа идеи да останат во државата и ќе бидат силно поддржани“, објасни Анѓушев.

Наспроти недовербата дали државната помош се однесува и на малите, средните и микро претпријатија, Анѓушев образложи: „Ако сите во Законот добиваат 10% поврат на инвестиции, за малите и брзорастечка компании повратот на инвестиции, за првпат е 30%. Со 30 отсто поврат на инвестиција ќе бидат поддржани сите што се микро, мало или средно претпријатие а инвестираат во хали, во капацитети, или за купување машини. Како втора мерка за мало, средно или микро претпријатие коешто воведува нов производ е државна помош од 70%  за креирањето на овој производ. Владата ќе помогне со 70% од сите трошоците за создавање на овој производ.“

Една од најатрактивните мерки и за која веќе постојат позитивни практики во светот е третата мерка за малите, средните и микро претпријатија – формирањето на еквити фонд.  „Фирма која што има добра идеја, а притоа нема средства да го расте своето мало, микро или средно претпријатие, државата ќе ја помогне со влез во сопствеништвото, односно ќе влезе со 25% во сопственоста на претпријатието: Притоа, сопственикот останува сопственик и ќе добие свеж капитал, а државата ќе го преземе ризикот. Целта е претпријатијата да растат, да делат дивиденда и тие пари да циркулираат“, Потпретседателот на владата за економски прашања ја појасни мерката.

Сите овие мерки ќе бидат спроведени во согласност со Законот за државна помош кој што е усогласен со ЕУ. „Закон се носи за сите инвеститори да имаат правна сигурност, а тоа овој предлог закон го овозможува, сигурност и еднаквост за сите компании, домашни и странски“, појасни Анѓушев за Тв 24.