Антиќ разрешен, Главчев на чело на македонската кошарка

од Љубиша Владимиров
76 прегледи

Перо Антиќ повеќе не е претседател на Кошаркарската федерација на Северна Македонија (КФСМ). На вонредното изборно собрание, 38 клуба едногласно му изгласаа недоверба, а за нов претседател беше избран Томица Главчев. Бизнисменот и спортски работник, сопственик на клубот Блокотехна и финансиер на Кожув и МЗТ Скопје, Главчев доби едногласна поддршка како единствен кандидат за нов прв човек на македонската кошарка.

Изборот беше потврден од новото парламентарно тело на Федерацијата. Претходно, Антиќ и Главчев се сретнаа, при што поранешниот претседател му посака успех на својот наследник.

„Ми претставува посебна чест да го поздравам идниот претседател на Федерацијата, која беше мој дом изминативе шест години. Мојот пријател Томица ја има мојата апсолутна поддршка и верувам дека е вистинскиот избор за иднината на македонската кошарка. Му посакувам успех и среќа во новата улога“, изјави Антиќ преку официјалниот сајт на КФСМ.

Иницијативата за негова смена беше поднесена на почетокот на април од поранешниот репрезентативец Младен Ѓуровски, со поддршка од 37 клубови. Ова беше втор обид за негова смена, првиот, во декември, пропадна откако, според медиумски извештаи, Антиќ „пронајде дупка во процедурата“ и доби дополнителни неколку месеци на функцијата. Со изборот на Главчев, КФСМ влегува во нова ера, со надеж за стабилизација и напредок на македонската кошарка.

Слични содржини