АП: Кремљ веројатно нема да биде возбуден поради заканата на Трамп за нови санкции кон Русија

од Nikola Popovski
579 прегледи

Малку е веројатно дека Кремљ ќе биде премногу возбуден поради заканата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе нови санкции, високи царини и даноци за Русија доколку таа не склучи договор за ставање крај на војната со Украина, оцени синоќа агенцијата АП, потсетувајќи дека САД веќе забранува увоз на речиси сите производи од Русија и дека земјата веќе е под бројни санкции.

Вчера Трамп го повика рускиот претседател Владимир Путин преку неговиот профил на социјалните мрежи „Truth Social“, „да се смири и да престане оваа луда војна“. Додаде дека нема желба да ѝ наштети на Русија, истакнувајќи дека одиграла клучна улога во победата на сојузниците над нацистичка Германија во Втората светска војна, но предупреди дека ќе има казнени мерки доколку војната во Украина наскоро не заврши.

„Доколку не се договориме и тоа наскоро, нема да имам друг избор освен да воведам високи царини и давачки, како и санкции, за сè што Русија ќе им продаде на САД, како и на разни други земји-учеснички“, напиша Трамп.

Проблемот со оваа закана е што Русија во моментов не извезува ништо во САД освен мали количини ѓубрива, добиточна храна, неоргански материјали и машини. Нафтата беше најголемиот увезен производ од Русија, но во 2023 година тој увоз беше целосно запрен.

Вкупниот американски увоз од Русија во 2024 година изнесува 2,8 милијарди долари. Во 2023 година тој изнесуваше 4,5 милијарди долари, а во 2022 година, пред воведувањето на најголемиот дел од сегашните санкции, изнесуваше 14,4 милијарди долари, според статистиката на американската влада.

Некои санкции против Русија беа воведени пред мандатот на американскиот претседател Џозеф Бајден. Првите беа воведени за време на претседателствувањето на Барак Обама во 2014 година како одговор на руската анексија на украинскиот полуостров Крим, а вторите беа воведени за време на првиот мандат на Доналд Трамп (2017-2021).

Згора на тоа, „различни други земји-учеснички“ што ги споменува Трамп се Иран и Северна Кореја – оние кои најмногу ѝ помагаат на Русија, а тие се под уште поостри американски санкции од Русија.

Слични содржини