По неколку децении интензивно сечење на шуми, огромна, прекуграничната област со бесконечна убавина на Балканот со центар на Шар Планина е близу да стане национален парк, еден од најголемите во Европа – пишува американската новинска агенција АП.
-Се очекува пратениците од С. Македонија наскоро да донесат закон со кој тој статус ќе се даде на Шар Планина. Тоа е површина од повеќе од 240.000 хектари, што се протега низ Албанија, С.Македонија и Косово, додаваат од агенцијата.
Шар Планина има 37 леднички езера, од кои 25 се наоѓаат во С. Македонија, а останатите во Косово, кои „сјаат во наборите на планината како безброј сиво-зелени очи што гледаат кон небото“ – се вели во текстот.
Биодиверзитетот е особено импресивен: 200 видови ендемични растенија, 167 видови пеперутки, 12 видови водоземци, 18 видови влекачи, 130 видови птици и 45 видови цицачи – скоро половина од вкупниот број на видови цицачи во земјата.
Но, таа идила на Зелениот појас на Балканот е загрозена со години, наведува АП.
Децении на нелегална сеча оставија лузни од ерозија, особено уништување на шумите на погусто населените пониски; делови од падините на Шар Планина, кои локалното население ги користело бесплатно за земјоделство, лов, гориво и дрва. Во текот на изминатите две децении, северна Македонија изгуби околу 40 000 хектари шума поради нелегална сеча, велат властите.
Анела Ставревска-Панајотова, експерт во Меѓународната унија за зачувување на природата, изјавила дека нашата земја е сведок на „историска можност, по 60 години, да добие нов национален парк, кој е недостасувачки дел од заштитените области на Балканот“.
„Заедно со другите заштитени подрачја во соседните земји, ќе ја имаме најголемата прекугранична заштитена област во цела Европа. И ние сме многу горди на тоа!“, рекла таа за АП.
Од 1994 година, властите се обидуваат да утврдат како 62.000 хектари од Шар Планина во Македонија да бидат најдобро заштитени од понатамошно уништување. Одредена поддршка беше обезбедена од Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП), пренесува „N1“.